Рубенс Корубин ќе изложи дел од својот опус
Во Националната галерија на Македонија, во Чифте амам, во вторник 08 октомври во 20 часот ќе биде отворена изложбата на Рубенс Корубин насловена ,, Ателје, радост на сликањето”. Ќе биде изложен дел од опусот на Рубенс Корубин кој веќе долг години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство.

Тој работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика, и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата. Уметноста на Корубин сведочи за исклучителна способност за прикажување на едно ретко емотивно богатство, а ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство. Еден романтичен сликар, тој е уметник кој ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи кои го сочинуваат нашиот свет. На изложбата ќе бидат прикажани негови нови дела, настанати во последните неколку години. Покрај новосоздадените, истовремено, на изложбата ќе бидат поставени и постари дела во сопственост на авторот, дел од неговата лична колекција, со што таа добива и ретроспективен карактер, правејќи пресек и на претходните фази во неговиот ликовен опус. „Ателје, Радоста на сликањето“ е еден своевиден јубилеј со кој авторот одбележува седумдесет години живот и четириест и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград. Рубенс Корубин е роден во Прилеп 1949 година. Дипломирал на факултетот за ликовни уметности во Белград 1974 година. Во 1976 година завршил пост дипломски студии во Белград, во класата на Младен Србиновиќ. Од 1986-2012 работи како професор на факултетот за ликовна уметност во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1975 година.
