Промоција на книга
„Што ни се случува“, четврта по ред книга на Мендо Димовски

За актуелните настани што се случуваат во нашата држава, за предизвиците од секојдневието со кое се соочуваат сите генерации подеднакво, а значително се засегнати пензионерите, новинарот Мендо Димовски пишува и укажува во неговата четврта по ред книга насловена „Што ни се случува“. Истата ќе биде претставена на читателската публика и свечено ќе биде промовирана денеска, во 11 часот, во Домот на Армијата, во присуство на голем број колеги, пријатели и членови на семејството.
Извесен период наназад, Мендо Димовски ги изнесуваше своите ставови, мислења и укажувања во колумните во Слободен печат, а истите засекогаш ќе останат забележани во неговата четврта книга под наслов „Што ни се случува“.Низ содржината на ова дело провејува прашањето кое честопати си го поставуваат дел од нас кои бараат начин да ги надминат проблемите и негативните појави што ги носи секојдневното живеење.
„Моите кажувања и укажувања се трудев да бидат одраз на видувањата и мислењата на поголемиот дел обични и добронамерни луѓе што не можеа и сѐ уште не можат да се помират со: безредието, со злосторничкото здружување, со непочитувањето на законитоста, со неправдата, со самоволизмот и лигавизмот, со конформизмот, непотизмот и пизмот…И насловот на книгата „Што ни се случува?!“ произлезе од чудењето што се провлекува низ содржината на колумните за тоа навистина што ни се случува и кон каде ни е свртен компасот- , запишал авторот на задниот дел од корицата.
Јасмина Никова
