Македонија и Албанија кон ЕУ
Рама без коментар за посетата на грчкиот претседател Папуљас
Заеднички напори за интегрирање на двете земји во европската унија и интензивна соработка за подобрување на патната и железничката инфраструктура. Ова се главните сегменти за кои разговарале албанскиот претседател на владата, Еди Рама и македонскиот премиер Никола Груевски. При првата посета на земјава, Рама истакна дека регионот е на вистински пат, бидејќи од оваа година, нема повеќе конфликти меѓу соседите.
„ Албанија ќе направи се за да го подобри животот на секој кој живее во земјата. тоа е ангажман кој Албанија го имала, го има и ќе го има без разлика која партија е на власт “, изјави Рама.
Албанскиот премиер истакна дека Македонија има целосна поддршка од неговата земја за решавање на спорот за името, но не сакаше да коментира што зборувал со грчкиот претседател Папуљас при неговата последна посета кај јужниот сосед.
Двајцата премиери оценија дека меѓуетничките односи во двете земји се стабилни. Премиерот Груевски додаде дека Македонија стои на располагање за унапредување на добрососедството низ отворен дијалог.
„ Македонија и натаму останува проактивно ангажирана за унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка, веруваме дека сите предизвици во регионот можат да бидат надминати со конструктивна политика во духот на европската соработка и добрососедството “, рече премиерот Груевски.
По средбата, Рама побара целосно имплементирање на охридскиот рамковен договор. попладнево, тој се сретна и со претседателот Иванов и со спикерот на собранието, Трајко Вељановски.
Катерина Топалова- Дејановска
