КОНЦЕРТ

„ЌЕ СЕ ПРОБУДАМ ЛИ ПАК“ - Концерт на Националната филхармонија

10.10.2019 14:34

Во четврток, редовниот термин на Филхармонија, под диригентската патка на македонскиот диригент Сашо Татарчевски ќе настапат младиот шпанскиот кларинетист Пабло Бараган, добитник на наградата „Млад солист 2013“ и Владимир Саздовски –бас, а на програмата се Првата рапсодија од Клод Дебиси, Концертот за кларинет и оркестар и Симфонија од македонскиот композитор Гоце Коларовски.

„Со музиката може да се каже нешто што не може да се изрази поинаку. Музиката ги прави нематеријалните работи опипливи и тие допираат на посебен начин“, вели Пабло Барагон. Неговите изведби критиката ги опишува како диференцирани, елегантни и совршено нијансирани. „Тој сака да раскажува приказни, да пренесува емоции и да создаде своја палета на бои“. За него, уметноста е постојан извор на инспирација.

Почнал да свири пијано на четиригодишна возраст, потоа саксофон, пред да го пронајде својот „инструмент“ – кларинетот. Учеството во младински оркестри и камерни музички ансамбли на Конзерваториумот во Севилја каде што ги почнал студиите се дел од развојот на неговото музичко патување, за потоа да стане дел од Фондацијата „Баренбоим-Саид“ во Берлин. Член е на Оркестарот на Западно-источниот диван“ кој го води токму славниот маестро Даниел Баренбоим. Во 2009 година, со стипендија од Фондацијата „Каја“, студира на Музичката академија во Базел. Љубопитноста на Бараган ќе го натера да открива нови перспективи во музиката и тој ќе стане член на повеќе оркестри во Шпанија, Германија и Швајцарија, како и дел од камерни ансамбли, се разбира, настапувајќи и како солист на престижни фестивали, меѓу кои на „Марта Аргерич фестивал“, „Мењухин фестивал“, „Јанг еурокласик Берлин“... Една од неговите соработки со истакнати уметници значеше издавање извонредно ЦД заедно со Хаун Перез Флориста на пијано и Андреј Ионита на виолончело.

Бас-пејачот Владимир Саздовски дипломира на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија во класата на доц. Нико Исаков, а потоа остварува двeгодишна специјализација во Виена на Државниот универзитет за музика и уметност како стипендист на CEE Musiktheater. Магистрира во класата на маестро Борис Трајанов. Во 2006 година дебитира во Македонската опера и балет во операта „Волшебната флејта“ како Свештеник, Говорник и Втор маж во оклоп, а истата година ја пее и улогата на Фараонот во операта „Аида“ за отворањето на 34. „Мајски оперски вечери“. Во „Schlosstheater“ во Виена дебитира во операта „Дон Џовани“ во улогата на Комендаторе. Неговиот репертоар, меѓу другите, ги содржи и улогите на Али во операта „Италијанката од Алжир“, Спарафучил во „Риголето“, Зарастро во „Волшебната флејта“, Дулкамара во „Љубовен напиток“, „Рамфис во „Аида“, Падре Гуардиано во „Моќта на судбината“, Тимур во „Турандот“, Лепорело во „Дон Џовани“, Мефисто во „Фауст“, Лутер и Креспел во „Хофманови приказни“, Рајмондо во „Лучија ди Ламермур“ и др. Надвор од земјата, настапил во Тирана, Токио, Дубровник, Џакарта, Софија, Германија, Италија…

Маестро Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што и го започнал своето музичко образование, а дипломирал и магистрирал на катедрите за оркестарско и хорско диригирање на ФМУ во Скопје во класите на Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски. Своето усовршување го продолжил на мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Сартеано, Санкт Петербург и Фиренца, соработувајќи со познати диригентски имиња како што се Хелмут Рилинг, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Михаил Јуровски и Сајмон Керингтон. Настапувал со разновидни ансамбли како што се Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Оркестарот на Ермитаж – Санкт Петербург, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеја“ и „Контемпора“, Симфонискиот оркестар на ФМУ, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, хоровите „Магнолија“ (Словачка), „Кантемус“ (Унгарија), „Иполитов-Иванов“ (Русија) и други симфониски, хорски и камерни состави. Во моментов Татарчевски е еден од најактивните диригенти во Македонија. Покрај редовната работа како професор на ФМУ, се јавува и како уметнички раководител на професионалниот мешан хор „Про арс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ. Освен во Македонија, има настапувано во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Чешка, Бугарија, Турција, Франција, Романија, Полска, Австрија и Русија. Има освоено голем број индивидуални награди за диригирање на интернационални настани, награди на конкурси со различни инструментални и хорски ансамбли, како и наградата на СОКОМ „Георги Божиков“.