Нов напад врз танкер на Блискиот исток
Две ракети погодија ирански танкер во Црвено Море

Нов напад врз нафтен танкер на Блискиот исток. Со проектили е погодено иранско пловило во Црвено море. Експерти веруваат дека е терористички напад. Минатиот месец Јеменските Хути уништија голема инфраструктура за производство на нафта во Саудиска Арабија. Вашингтон и Ријад го обвинија Техеран. Иран негира вмешаност.
Официјален Техеран тврди дека две ракети погодиле ирански танкер со нафта во Црвено Море крај брегот на Саудиска Арабија. Во инцидентот нема повредени, но пловилото е оштетено при што се излеала нафта во водната површина. Во последните месеци, серијата напади врз танкерите во Персискиот Залив дополнително ги зголеми тензиите во регионот. Покрај САД и Саудиска Арабја, и Израел го насочува прстот кон Техеран за нестабилноста на Блискиот Исток.
Бенјамин Нетанјаху - Премиер на Израел
Иран се обидува да ја зацврсти позицијата во Либан, Сирија, Ирак, Јемен и Појасот Газа. Земјата неуморно се вооружува себеси. Се опремува со опасно оружје. Ја напаѓа слободата на навигацијата на меѓународните поморски рути. Собори американско беспилотно летало, изврши суров и досега невиден напад врз саудиските нафтени полиња. Постојано го преминува прагот на ароганцијата. Иран се закани дека ќе не ибрише од картата.
Најсериозни последици за економијата имаше септемврискиот напад кој беше извршен со дрон и проектили врз најголемата нафтена инфраструктура во светот, лоцирана во Саудиска Арабија. Јеменските Хути презедоа одоворност за гранатирањето што го преполови производството на деривати. И покрај тоа, Вашингтон и Ријад продолжија вината да ја бараат во Иран, којшто категорично ги негира тврдењата на САД и на Кралството. На овој напад му претходеше сличен инцидент во Ормускиот Теснец при што војската на Иран заплени нафтен танкер кој пловел под британско знаме. Пловилото беше ослободено на крајот на септември.
