СИРИЈА

Курди: Владата ни праќа војска на границата со Турција

14.10.2019 13:42

САД повлекуваат нови 1000 војници

Курдите и владата на Dамаск со договор за распоредување на војска на границата со Tурција каде што се интензивира операцијата на претседателот Eрдоган. Од базите, САД повлекуваат дополнителни 1000 американски војници. 130 илјади луѓе веќе ги напуштија домовите. Европа во опасност од нов масовен бегалски бран.

Курдската администрација во северна Сирија тврди дека постигнала договор со Владата во Дамаск за распоредување на војска во близината до границата со Турција каде што се спроведува операција против нив, по наредба на Анкара. Зоните контролирани од Сириските демократски сили предводени од Курдите - главниот сојузник на САД - беа гранатирани во текот на викендот. Турција успеа да заземе два клучни града на границата. Во пресметките загинаа десетици цивили и борци од двете страни. За Турција, Курдите се терористи и мора да бидат отстранети од „сигурната зона“ во Сирија каде што владата на Анкара сака да ги врати бегалците кои се сега нејзин товар.

Сириските бегалци мора да се вратат дома. Овде нема доволно работа. Имаме многу невработени.

Се плашам за нашите војници, за децата. Се надевам дека нема да завршиме како Сиријците.
 

Ако не запре војната наскоро, можно е да го нападнат и Истанбул.

Одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган следува по повлекувањето на американските трупи од регионот. Челникот на Белата куќа Доналд Трамп вели дека не гледа никаква смисла во бесконечно војување на Блискиот исток. Во меѓувреме, Вашингтон со нова одлука- од базите заминуваат уште 1000 американски војници.

Марк Еспер - Министер за одбрана на САД

Ние не сакавме да ги вовлекуваме американските војници во опасност, ниту во конфликтот меѓу Турците и Курдите кој трае веќе 200 години. Не сакаме да учествуваме во уште една војна на Блискиот исток.

ЕУ со осуда за турската интервенција во Сирија. Конфликтот е меѓу главните теми на средбата на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ што се одржува во Луксембург.

Емануел Макрон - Претседател на Франција

Сакаме да запре офанзивата, силно веруваме дека може да предизвика неподнослива хуманитарна ситуација, како и повторно враќање на терористите во регионот.
 

Ангела Меркел - Канцелар на Германија

Офанзивата мора да се прекине бидејќи последиците се драматични. Постои ризик од повторно засилување на Исламска држава против која силно се боревме. Мора да се најдат други решенија.
 

И поглаварот на Римокатоличката црква побара крај на борбите. Папата Франциск ги повика сите страни на североистокот и меѓународната заедница да се обидат да ги надминат разликите со дијалог.