Работна средба во просториите на СЗПМ
Дискусија за проблемите околу ненавремената достава на дрва за огрев до пензионерите

СЗПМ преку своите 53 здруженија, во континуитет ги снабдува своите членови со прехрамбени продукти, огрев и други добра за квалитетен и достоен живот. Продолжува и снабдувањето дрва за огрев на рати, но периодов се актуелни проблемите околу ненавремената испорака до крајните потрошувачи. Со таа цел во просториите на Сојузот се одржа работна средба на раководството со претседателите на 15-тина Здруженија од сите краеви на државата, кои помагаат во обезбедувањето на огревно дрво на корисниците на пензија- членови на здруженијата
Иако грејната сезона веќе започна, сеуште има бројни примери на пензионери и граѓани кои уплатиле преку здруженија и синдикални организации, а немаат примено дрва за огрев. Тоа го потврдуваат и претставниците од пензионерските здруженија од Битола, Неготино, Кичево, Свети Николе, Велес, Демир Капија, Прилеп, Струга, Виница и Македонска Каменица, што присуствуваа на оваа средба.
На состанокот беа изнесени состојбите поврзани со снабдувањето на огревни дрва и актуелните проблеми на корисниците на пензија по ова прашање, а за одговори на нивните прашања и дилеми, беше поканет комерцијалниот директор во Македонски шуми, г-динот Борче Бојчовски.Проблемот со испораката на веќе платените дрва за огрев за пензионерите е стара мака, што со години се провлекува. Овојпат се надеваат на брза реакција од надлежните и достава на огревното дрво пред доаѓањето на студените зимски денови.
Јасмина Никова
