Пендаровски: Не очекуваме сигнал, туку одлука
Унијата да ни даде шанса да покажеме дека сме подготвени, повика претседателот Пендаровски во интервју за австриски весник пред клучната одлука за нашата европска иднина.

Посочува дека земјава направила сè што од неа било побарано. Според него, она што го бара Франција, поврзано со борбата против корупцијата е наш приоритет.
„Доколку се пролонгираат преговорите за зачленување, тогаш Европската Унија ќе изгуби многу од својот кредибилитет“, оваа порака ја испрати претседателот Стево Пендаровски во интервју за австрискиот весник „Ди Пресе“. Тој посочува дека земјава не очекува сигнал, туку одлука, бидејќи испорачала сè што од неа било побарано. Ја повика Европската унија да ни се даде шанса.
„Дури го сменивме и нашето име по историскиот договор со Грција. Ниту една земја-кандидат го нема направено ова порано. Штом ЕУ вели дека процесот на зачленување се заснова на резултати, тогаш не очекуваме ни повеќе ни помалку од она што сме го постигнале. Мојата порака е: Дајте ни шанса и дозволете ни да покажеме дека сме подготвени“, вели претседателот во интервјуто.
Пендаровски го коментира и ставот на официјален Париз за продлабочување на Унијата пред проширување. Според него, двата процеса може да течат паралелно, бидејќи Северна Македонија нема веднаш да стане полноправна членка на ЕУ. Воедно, тој истакнува и дека борбата против корупцијата, како важно прашање за Франција, е наш приоритет. Доколку земјава повторно извиси како во јуни, Пендаровски очекува да опадне поддршката за ЕУ.
„Доколку се пролонгираат преговорите за зачленување во ЕУ тогаш Унијата ќе изгуби многу од својот кредибилитет. Ентузијазмот за ЕУ во нашата земја ќе падне значително. Луѓето прашуваа, зошто треба да го смениме името на земјата? Ние им рековме за да можеме да станеме дел од ЕУ. Ние исполнивме сè. Сега народот нè прашува – зошто има повторно одложување?“, објаснува претседателот во интервјуто.
Според Пендаровски, регионот не може да просперира без јасна цел пред себе, па затоа, шефот на државата смета дека сите земји од Западен Балкан треба да се дел од процесот на евроинтеграции.
Новинар: Мартин Пушевски
