БРЕГЗИТ

Интензивни преговори во Лондон и во Брисел

15.10.2019 14:37

ЕУ планира нов итен самит

Лондон и Брисел со интензивни преговори за Брегзит пред клучниот самит на ЕУ кон крајот на неделава, засега единствениот закажан пред официјалниот рок  на 31 октомври. И покрај тригодишната дебата и маратонските преговори за разделбата меѓу Обединетото Кралство и Унијата, двете страни од Ла Манш и натаму оптимисти, но овој пат со доза на поголема претпазливост во однос на постигнувањето хибридно компромисно решение за ирската гранична контрола. Според Брисел, предлогот на премиерот Борис Џонсон во кој се нуди децентрализирана проверка не ги исполнува предвидените критериуми и цели на блокот. Во меѓувреме, Комитетот за буџет на ЕУ изгласа мерка со која се осигурат дека фондовите за 2019 и 2020 година ќе бидат целосно достапни дури и во случај на Брегзит без договор.
 

Мишел Барние - Главен преговарач на ЕУ за Брегзит

Можно е да се постигне договор. Тој мора да биде корисен за сите, и за Обединетото Краластво и за Европската унија. Крајно време е добрите намери да се претворат во правен текст.

Стеф Блок - Министер за надворешни работи на Холандија

За Холандија е многу важно да се избегне неправедна конкуренција од компаниите надвор од ЕУ при користење на ирската граница. Владата на Обединетото Кралство понуди одредени чекори, но тие не се доволна гаранција за интегритетот на пазарот.

Опозицијата го обвини премиерот за злоупотреба на политички неутралната кралица за презентирање на неговата изборна агенда во вчерашниот говор за отворање на Парламентот.

Џереми Корбин - Лидер на партијата на Лабуристите

Законската програма е пропаганда која владата не може да ја сокрие. Веќе три години, оваа Влада нема успех со Брегзит. Дури сега почнуваат да ја поправаат штетата од децениското намалување на нашите јавни услуги. Таа не прави ништо за оние кои едвај врзуваат крај со крај, не го подобрува светот во кој живееме, а и не се занимава со климатските промени.

Премиерот, пак, го обвини лидерот на опозицијата за нерешителноста којашто го загрозува, како што вели, „неговото политичко здравје“.

Борис Џонсон - Премиер на Обединетото Кралство

Првин се противеше на сценариото без договор, сега се спротивставува на секаков договор. Првин беше за брегзит, сега сака втор референдум. Сакаше избори, а сега веќе не. Наликува на Јанус, ни ваму ни таму, оди во два правца, не може да се реши.

Велика Британија треба да ја напушти Европската унија до крајот на овој месец, а рокот веќе беше одложен неколку пати откако парламентот во Вестминстер не го одобри договорот за Брегзит. Иако Џонсон и натаму инсистира Брегзит да се спроведе на 31 октомври, со или без договор, тој можеби ќе мора да бара ново одложување на рокот поради законот што го усвоија британските пратеници ако не се постигне договор до 19 октомври.