ИЗЛОЖБА

Промотивна изложба за книгата „Споменик на слободата - разговорник“ на Елена Чемерска

16.10.2019 12:58

Книгата „Споменик на слободата - разговорник“, во издание на PrivatePrint, е документарен проект на Елена Чемерска кој содржи интервјуа кои се осврнуваат на Споменикот на слободата во Кочани (дело на Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ) од аспект на уметноста, архитектурата и социокултурниот контекст.

Книгата вклучува новинарски и есеистички текстови поврзани со споменикот, како и архивски и визуелен материјал. Книгата е двојазична, на македонски и на англиски.
Интервјуа и есеи во книгата: Радован Раѓеновиќ, Глигор Чемерски, Стеван Станиќ, Илија Пенушлиски, Даница Павловска, Коста Балабанов, Небојша Вилиќ, Анета Христова - Поповска, Антоанела Петковска, Сања Хорватинчиќ, Борис Петковски, Владимир Мартиновски.

На оримотивната изложба ќе бидат претставени дела на Елена Чемерска работени во сколоп на поширокиот авторски проект поврзан со Споменикот на слободата во Кочани.

Владимир Мартиновски во својот осврт кон книгата забележува:
„Оваа книга имплицитно ги поканува своите читатели да ги посетат високите архитектонски и уметнички дострели на Споменикот на слободата. На страниците од оваа книга еден од соговорниците пласира теза дека големата уметност е вонвременска. Оваа книга нè уверува дека овој споменик, како и темата на слободата која ја третира, несомнено влегуваат во категоријата „споменици потрајни од бронза”.

На едно место во оваа книга Илија Пенушлиски вели: „Делото може да достигне универзални и космички височини, но, бара нега, бара партнер.” Оваа книга на Споменикот на слободата му го трасира патот кон неопходната нега, а сакаме да се надеваме дека и на многумина ќе ги мотивира да бидат „партнери” на убавината и на слободата во естетскиот контакт со ова значајно дело.“

Книгата „Споменик на слободата - разговорник“ е финансиски поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Општината Кочани и печатницата Аркус Дизајн од Скопје.