Светски ден на храната и на лебот
16- октомври-Одбележувањето на овој ден е насочено кон зајакнување на капацитетите за унапредување на исхраната на човештвото

Без леб, не поминува ниту еден ден од нашиот живот. Иако многумина се придржуваат до различни диети и го заменуваат со други продукти, сепак лебот има свој меѓународен празник - Светски ден , што се слави секојан година на 16 октомври. Всушност овој ден се одбележува и како меѓународен ден на храната, а некаде и како ден за борба против брзата храна.
А историјата на лебот е датира од многу одамна. Според историските податоци, првите житни производи настанале пред околу 8 илјади години. Однадвор, тие личеле на колачи, а се печеле на жешки камења. Се верува дека лебот бил случајно создаден и е првата храна создадена од раката на човекот. На тоа укажуваат и неговите скаменети остатоци пронајдени во пештерите. Подоцна , Египќаните откриле дека доколку во тестото кое го подготвувале со мешање на брашно и вода додадат квасец, лебот станува помек и добива поголем волумен.Токму тоа бил и првиот рецепт леб што се применува и денеска. Во денешно време, лебот е неопходен прехрамбен продукт за повеќето од нас, а неговиот состав постојано се усовршува. За повеќето од нас е незаменлив , има посебно место на нашата трпеза и особено во нашата држава се јаде многу повеќе отколку во останатите земји во Европа и светот. Го јадат сите луѓе, без разлика на расата, религијата и културата.Лебот има посебно место и во нашата традиција и култура. Се користи во многу обреди поврзани со раѓањето на децата, свадбите, домашните и селските слави и прослави или годишните празници. Да се дочека некој со леб и сол е симбол за добредојде.
Одбележувањето на овој ден е насочено кон зајакнување на капацитетите за унапредување на исхраната на човештвото. Статистиките покажуваат дека во светот гладуваат околу 1 милијарда луѓе, а тоа е последица не само на недостатокот на приноси, туку и на високата цена на прехрамбените продукти и лошата економска состојба во некои земји. Светскиот ден на храната и лебот се користи да се укаже на значењето и придонесот на различните култури во рамки на светското земјоделство и производството на храна, што овозможува и производство на доволни количини храна за целата светска популација. На Светскиот ден на леб, во многу земји, постојат различни изложби на производи од пекари и слатки, саеми, мастер класови, народни фестивали, како и бесплатна дистрибуција на леб до сите сиромашни.
Јасмина Никова
