СТАРОСТ

Убавата страна на староста

16.10.2019 14:47

Иако стареењето се поврзува со болест, со немоќ, со тегоби, и со предрасуди дека многу работи не му прилегаат на постар човек, не мора нужно да биде така.

Секој си го живее својот сон и не треба да се откажува од ништо што го чини радосен. Стареењето може да биде и радост, да донесе извесна слобода за човек, откако ке се пензионира, да прави се што сакал, а неможел.

Третото доба многу полесно може да се прифати и да се живее, ако човек психички се подготвува, ги прифати сите добри и лоши страни на староста како и на се друго во животот. Старите луѓе носат искуство и  мудрост во себе, па таа може да се артикулира и да се пренесува на помладите на интересен начин. Ако мислите им бидат препокупирани со некакви идеи како нешто би направиле во склад со својата визија, тоа на возрасните луѓе ќе им даде поголема смисла на животот и нема да се чувствуваат бескорисни. Обично по пензионирањето, голем број луѓе се чувствуваат бескорисни, празни, непотребни отфрлени. Токму тој премин треба да биде исполнет со некаква активност која ќе го мотивира и нема да му го ограничи социјалниот живот на човекот. Луѓето што зад себе оставаат поколенија полесно ја пребродуваат таа фаза, зашто се чувствуваат покорисни и важни во животот на другите. Голем дел од времето го поминуваат со внуците и така го компензираат работниот однос кој завршил. Од тоа има повеќестрана корист- старите луѓе се чувствуваат потребни како и  физички и ментално активни.

Но, старите луѓе не се само сервис за чување внуци, туку тие и сами треба да решат дали и колку ќе им помагаат на своите деца. Колку од времето ќе посветат на некое свое хоби за кое немале време во младоста, за прошетки, за рекреација, за патувања, за пишување книги, или можеби за градинарски активности. Секој човек се чувствува поубаво кога создава нешто, иако е во доба кога треба да ги ужива плодовите на својата долгогодишна работа. Иако многу пензионери редовно се жалат на мали пензии, ако веќе не можат да го променат тоа, може да создадат свој стил со ситници кои се бесплатни, како прошетки со пријателите, насмевки, шеги и кафе муабет со соседите, читање книги, или слушање аудио романи....Некој ужива да плете, везе, изработува накит, или украсни предмети кои ќе ги подарува или ќе му бидат дополнителен приход. Правете се што сакате само не се фаќајте во замката -стар сум, за мене животот е завршен, некому не сум му потребен, никој не ме сака, јас сум им товар другите. Ако мислите се преокупирани со фини нешта кои биле дел од вашите соништа и сакате сега да ги остварите нема да имате време да остарите. Останете дете во душата, дозволете си да танцувате, да играте со сите бои и нијанси  на животот. Сакајте до последен здив сѐ што е околу вас, приближете се до сѐ што ве радува и не обрнувајте внимание на застарените и крути општесвени норми и свест дека староста мора да биде грда и тешка. Стареењето нека биде активно и забавно. Физичката активност е задолжителна и корисна, но и менталната зашто го вежба  мозокот и не му дава да заборава така лесно. Решавање крстозбори, играње шах, карти, сложувалки...Секогаш треба да се негува животниот оптимизам и надежта. Докажано е дека оптимистите се позадоволни, подолго живеат, и побрзо се опоравуваат од болести и невољи кои им се случуваат. 

Од вас зависи колку поднослива ќе ја направите и колку ќе уживате во слободата да си го организирате живот по сопствена мерка....   

 

Соња Стојановска