КОРОВ

Толчница- коровот што лекува

17.10.2019 14:21

Не знаев за неа додека не ја видов во моите цветни жардиниери, се трудев да ја искоренам ама таа повторно се појавуваше.

И тогаш кога ја снема, разбрав колку била лековита билката- коров Тушт, тушница, толчница или пеплис, или на латински Portulaca oleracea.  Оваа едногодишна билка, со месести ливчиња, со розово, црвеникаво стебло полегнато по земјата, расте и се шири меѓу други растенија и ги потиснува. Ако се откорне и се најде до земјата, повторно брзо се вкоренува. Има жолти цветови и е медоносно растение, и со многу лековита моќ, колку и да изгледа некорисно. Иако го има насекаде малкумина знаат за големата лековита моќ на коровот тушница.

Спаѓа во зелјест зеленчук. Се смета дека потеклото му е од Индија и Кина каде што многу се користи  за салати, како додаток во јадења и како зачински зеленчук. Позната им била и на Египќаните, на старите Грци. Французите од него прават различи јадења, Англичаните чорби, а единствено ние го газиме и корнеме незнаејќи за благотворноста на оваа билка.  
На нашиве простори го има буквално насекаде, како самоникнато растение, а го има и насекаде низ светот. Но, некаде тој се одгледува на плантажи и не е само коров од кој треба да се ослободиме.   Има лимонкаст киселкаст вкус. Научниците од Универзитетот Сан Антонио во Тексас утврдиле дека толчницата има најголемо количество на Омега 3 масни киселини од кое било друго јадливо растение. Овие научници докажале дека туштот има 10 до 20 пати повеќе мелатонин, антиоксидант кој го спречува ширењето на клетките на ракот.

Има многу корисни витамини и минерали. Освен Омега 3 киселините , преполн е со витамин Ц, ги содржи и витамините А, Б, Е, потоа калциум, магнезиум, железо. Добар е и за болести на срцето и на крвните садови поради Омега 3 кој спречува згрутчување на крвта и превенира од  мозочни и срцеви удари. Одличен е и против борчки, се користи и како маска за лице. Научнице велат дека ги јакнее и коските , мускулите и врзивните ткива. Најдобро успева на плодна и песочна почва, на сончеви места, но бидејќи е многу отпорно растение се снаоѓа и прилагодува на други места. Толчницата е корисен коров и за другите растенија покрај кои што расте зашто ја одржува земјата влажна.

Освен по бавчите, полињата, може да го видите и како излегува низ пукнатина на тротоарот, Постојано ни е пред нос а ние ја игнорираме ова многу корисна билка.  Делува на зголемување на имунитетот, против нервоза и депресија, го  подобрува дигестивниот систем, за здрава и еластична кожа, има антибактериско и антигабично дејство. Тој е диуретик и благ лаксатив, па се користи дури и за слабеење. Се пие и како чај. Во кулинарството го носи епитетото вкусна билка, а се користи и подземниот и надземниот дел. Се јаде и сиров и зготвен. Има изразена  арома и солено киселкаст вкус. Помлад е подобар за салата во комбинација со други зеленчуци.

По се што дознавте за тушницата, или толчницата или под какво име и да го најдете овој лековит коров , побарајте во го ваша близина и наместо да го корнете направете си од него лек.

Соња Стојановска