Лига на шампиони
Нов лош натпревар на Вардар и пораз од Веспрем со 39:30

Како Вардар да не е европски првак, уште еден лесно загубен натпревар и тоа пак со стандардно лошо одиграно прво полувреме. 39:30, за Веспрем, црвено – црните ги повторуваат грешките, одбраната не личи на шампионската, во Унгарија се појави и нов проблем, малодушниот пристап, вардарци се откажаа од борба околу 40-та минута кога влегоа во нова серија загубени топки и дозволија Веспрем позитивата од два да ја крене на клучни шест гола.
Веспрем брзо дојде до 9:5, најголемпто домашно водство изнесуваше 12 разлика. Без блокови и контакти на вардаровата дефанзивна зона, ракометарите на Веспрем имаа чисти и отворени шутеви и реализација од 80 проценти. Затоа Вардар прими дури 21 гол во првиот дел.
Некогаш со 30 гостински погодоци, вардарци би освоиле барем бод во Унгарија, но овојпат нападот не можеше да ги анулира грешките на одбраната и да постигне голови колку што таа може да прими. Во црнилото се вклопија и вардаровите голмани кои заедно собраа седум одбрани, домашните имаа 13. Напаѓачки на ниво беа Дибиров со осум, Дисингер со пет и Пелко со дебитанските четири гола во Лигата на шампионите.
Кај Веспрем дури шестмина ракометари не промашија, меѓу нив пивотменот Нилсон постигна шест, сите во првите 30 минути. Најефикасен беше Лауге Шмит со осум погодоци од девет обиди.
Откако шок тренерската терапија со Кокшаров не местото на Писонеро не помогна, добредојдена за вардарци ќе биде паузата поради ЕХФ неделата и двата обични СЕХА натпревари, пред домашните дуели во елитната конкуренција против Мешков Брест на 3-ти и со Кјелце на 9-ти ноември.
