ЕСЕН

Боите на есента

18.10.2019 14:41

Есента жолто – златната доба од годината

Оние кои ја сакаат есента,  уживаат  во секој момент од неа, во прекрасните бои на природата кога времето е сончево и топло,а подеднакво им се радуваат и на прошетките под чадор, кога се деновите дождливи и тмурни.Дождот во есен  смирува и инспирира истовремено. Особено е пријатно чувството и уживањето во убавините на есента, во овие кратки и сончеви денови. Есента е годишно време  обоено со најмногу бои и нијанси- црвена, портокалова, жолта, златна и кафена боја... раскош од мириси и бои, живописни пејзажи, распослани есенски лисја и примамливи сончеви зраци што изнудуваат насмевка. Есента е магично доба од годината. Есенската атмосфера надополнета со шоља топол чај или кафе на работното место или во попладневните часови во нашиот дом е токму она што не смирува и исполнува.

Есента е жолто – златната доба од годината, времето кога природата полека го губи својот сјај. Поетите велат дека есента ја нарушува рамнотежата во човекот и ова е време  кога изумираат некои од големите љубови. Во поезијата често пати есента е кобна, носи депресија, тага и разделба.Но,сепак,не би ја менувале со ниту едно друго годишно време, бидејќи е специфична и единствена. Нуди шарена палета на бои, а нивната разноликост е рај за очите и ни дава посебен мир во душите. Мал е бројот на луѓе кои не се маѓепсани од есенската убавина,кои бегство од реалноста, од секојдневните грижи и проблеми не бараат токму во природата. Токму таму, во најблискиот парк или планина ќе останеме самите со себе, можеби со некој од нашите најблиски и најдргаги луѓе, уживајќи во моментите на мир и тишина.Внимателно погледнете ги со цел да забележите колку е неверојатно убава и посебна есента. Пронајдете во неа  хармонија, спокојство и мир.

Јасмина Никова