Лоша хидролошка состојба во земјоделството
Продолженото летно време и сушата прават штети во земјоделството и не дозволуваат да се изврши есенската сеидба.

Невообичаените високи температури единствено им погодуваат на жетвата на оризот и на бербата на најквалитетниот тутун.
Сушата која подолг период ја следи земјава прави штети на производството и не дозволува почнување на есенската сеидба.
Доволно врнежи нема од јули, а дефицитот на влага во почвата е скоро 100 и повеќе литри на квадратен метар.
Лошата вест за земјоделците е тоа што топлото и сушно време, продолжува и во наредниот период со надпросечни температури на воздухот до крајот на Октомври.
Оптималните рокови за сеидба за некои култури како за маслодајната репка и за јачменот поминаа, додека за пченицата сеуште се во тек, но изведувањето на сеидбата оди многу тешко или е невозможна.
Според информациите од теренот посеаните површини под есенски јачмен се многу мали и незабележливи, и тоа на површини кои биле заорани непосредно по жетвата, со што влагата е останата во земјата, практика која многу малку се применува , а има повеќекратно влијание за успешно земјоделско производство.
Според Ангелко Ангелески од УХМР ваквите метеоролошки услови се идеални само за жетвата на оризот која е во тек, сушењето на арпата, бербата на доцните сорти грозје и овошки, како и за бербата на тутунот и неговото сушење.
