Црвен крст на град Скопје
Курс по англиски јазик - нова активност во „Дневниот центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“

Со цел унапредување на квалитетот на животот, здравјето и психофизичката состојба на старите лица, во рамките на Црвен крст на град Скопје од септември 2011 година се имплементира проект посветен на грижата на стари лица, познат како : „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“. Социјализација и збогатување на степенот на едукација на старите лица,промовирање на активно стареење и активен пристап кон животот во староста и промовирање на волонтерството, се само дел од многубројните цели и активности на овој центар.
Во рамки на дневните центри на дневна основа циркулираат голем број лица во трето доба, активни стари лица кои се дел од организирана програма во чии рамки се одвиваат и часовите по англиски јазик. Ова е најнова активност во центарот што се наоѓа во просториите на Домот на хуманитарните организации Даре Џамбаз,за која интересот е огромен, потврдува Елеонора Андоновска- социјален работник.
Едукации на теми кои се интересни и корисни за старите лица,одбележување на календарските активности на Црвениот крст,одбележување на празници и родендени,организирање на заеднички прошетки, разни креативни работилници и дискусии на разни теми се содржините заради кои лицата во трето доба со задоволство и со голема радост го посетуваат Дневниот центар за стари лица.
Јасмина Никова
