Ракомет - ЕХФ недела
Шанса за македонските репрезентативци со помала минутажа

Македонската ракометна репрезентација во јануари следната годиуна ќе настапи на своето шесто Европско првенство, петто по ред и дванаесетто големо натпреварување. Составот на групата во Виена, домаќинот Австрија, Чешка и Украина навидум им отвора можност на нашите ракометари да се обидат да го надимнат, повторат или да се доближат до успехот од 2012-та кога беа петти. Оттаму, секој ден заеднички подготовки и секој контролен натпревар има значење.
Оваа ЕХФ неделата ќе послужи македонската селекција да одигра четири пријателски натпревари. Без најискусните, дуелите со Турција и со Италија ќе им овозможат шанса на оние со помала репрезентативна минутажа да се наметнат кај селекторот Данило Брестовац и да ја зголемат конкуренцијата.
„ Имаме еден интересен состав, сите репрезентативци тренираат, но немаат минутажа и тоа е катастрофа. Имаме проблеми, затоа сакаме да играме што е можно повеќе натпревари. Фалат и интернационалните мечеви на Металург. Затоа оваа недела ќе одиграме четири меча. Имаме проблеми, Велко Маркоски не игра, Никола Маркоски има скршеница, автоматски имаме проблеми. Порано таму ни беа загарантирани Маркоски и Јоноски, но немаме замена за нив. Мора да работиме на тоа. Сакам да ги проверам младите играчи, ми требаат храбри и борбени играчи, кои ќе донесат цврстина во одбрана. Имаме безброј проблеми, сакам да дадам минутажа да ме уверат мене и спортската јавност дека може да играат на високо ниво. Се надевам дека од нив ќе можеме да извадиме А репрезентативци кои ќе може да играат на високо ниво. Треба да сфатиме дека мора да внесеме свежа крв во репрезентацијата, ако не го направиме тоа, за две години може да бидеме во тешка дупка. Затоа закажавме повеќе пријателски мечеви, иако тешко ни беше да најдеме добри противници. Ќе се обидеме да го дадеме најдоброто, па понатаму да одбереме“, изјави слекторот Брестовац.
Без тренинг, нашите ракометари веднаш заминаа за Турција против чијашто репрезентација утре во Есхишехир ќе го одиграат првиот меч. Во среда противник на нашите 16 ракометари ќе им биде Италија. На денешниот собир пивотменот на Металург, Милан Лазаревски го откажа настапот поради повреда.
Кире Лазаров, Дејан Манасков, Борко Ристовски, Филип Талевски и Филип Кузмановски ќе ги пропуштат овие два дуела, но ќе бидат дел од репрезентација на натпреварите против Грузија во Скопје в петок и в сабота.
