„Дрезден: Лица, простори, време“ изложба на фотографии во Културно информативниот центар во Скопје , петок, 25 октомври
Изложба на фотографии на тројца автори: Иван БЛАЖЕВ, Александар КОНДЕВ и Матијас ШУМАН. Куратор на изложбата е Владимир ЈАНЧЕВСКИ. На изложбата се претставени фотографии кои на различни начини ги откриваат времето, просторот и лицата на градот Дрезден.

„Можеш ли да видиш, ако не си таму и тогаш?
Можно ли е да се реконструира дел од просторот, атмосферата и да се запознаат луѓето во овој град, преку вкрстување на три различни точки на гледање? Што можат да ни прикажат и доближат овие три различни фотографски „архиви“? Можеме ли да се ориентираме во просторот, следејќи ги различните визури? Можеме ли да дефинираме кое е ова време? Можеме ли да откриеме кои се лицата на Дрезден? Или тие остануваат замрзнати во постисторијата?
Можеме ли да се препознаеме во нив?”
- извадок од воведниот текст „Мојот Дрезден:
Во потрага по аурата на фотографираниот град” на Владимир Јанчевски
* Фотографиите се направени како дел од програмата за културната размена помеѓу Скопје и Дрезден. Изложбата ќе се одржи во рамките на проектот „Денови на европско Скопје” кој е во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, под покровителство на Град Скопје.
Изложбата е финансиски поддржана како проект од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2019 година.
