ФИЛМ

,,Медена земја” низ градовите во Македонија

22.10.2019 12:54

Кинодиструбуцијата на документарецот „Медена земја“ продолжува со нови датуми и градови низ Македонија.

.Прилепчани ќе имаат можност повторно да го погледнат документарецот  на 22 октомври, во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Истиот ден ќе има репризно прикажување и во Домот на култура во Крива Паланка. На 24 октомври  ќе се прикажува во Домот на култура „Македонија“ во Гевгелија, на 25 октомври  во Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница и на 26 октомври  во Домот на култура „25 Мај“ во Валандово. Беровчани ќе имаат можност да го погледнат филмот во салата на „Бизнис инкубаторот“ на 30 октомври. И  во Домот на култура „Илинден“ во Демир Хисар филмот ќе биде прикажан на  30 октомври.
Во Струмица „Медена земја“ ќе се прикаже во Центарот за култура „Антон Панов“ од 8 до 11 ноември. Во Домот на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци филмот ќе има проекција на 14 ноември. Во Скопје продолжуваат редовните проекции во  кината „Синеплекс“ и „Милениум“.
Филмот, кој е годинашен македонски кандидат за „Оскар“, и е во трка за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, се прикажа во: Кратово, Штип, Крива Паланка, Струга, Куманово, Битола, Охрид, Свети Николе, Делчево, Тетово, Гостивар, Пробиштип, Македонски Брод, Македонска Каменица, Неготино, Богданци, Крушево, Радовиш Прилеп, Кичево, Кочани и во Пехчево.Во меѓувреме „Медена земја“ го продолжува својот успешен пат на светските филмски фестивали. На „Синеист“ , фестивалот што се одржува во Луксембург, „Медена земја“ ја доби наградата од публика за најдобар филм. Викендов ја доби и специјалната награда од жирито на Фестивалот на документарен филм „Вест лејк“ , што се одржува во Хангжу во Кина.
„Медена земја“ деновиве ќе биде дел и од 27. издание на најзначајниот и најголемиот светски филмски фестивал посветен на филмската камера „Камеримиџ“, што се одржува во Полска.
Филмот е дел од кратката листа на најдобри документарци за оваа година што ја објави Интернационалната документарна асоцијација. Доделувањето на наградите на најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм ќе се одржи во студијата на „Парамонт“ во Лос Анџелес на 7 декември. Исто така, филмот доби и пет номинации за наградата Избор на критиката за документарци во САД. Тој е номиниран и во категориите: најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, најдобар документарец на тема наука или природа, како и за најпривлечен лик во документарец – за што е номинирана главната протагонистката во „Медена земја“– Атиџе Муратова. Доделувањето на наградите е на 10 ноември во Њујорк и е вовед во претстојните „Оскари“.