ЕДУКАЦИЈА

Центар за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“

22.10.2019 14:01

Едукативна тура „Палатите на старо Скопје“

Со цел да го привлечат  вниманието на многубројните туристи кои сакаат да се запознаат со културното наследство на главниот град, во рамки на кампањата                      „Дестинација Македонија“, Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ организираше едукативна тура „Палатите на старо Скопје“.  „Оваа тура е осмислена така што на учесниците преку интерактивен пристап  им се нудат информации,  знаење, искуство и забава. Палатите на Скопје се објекти покрај кои секојдневно поминуваме, но многу малку знаеме за нивното пошироко антрополошко и културно-историско значење, а токму со овие тури се промовира и популаризира богатото културно-историско наследство на Скопје“- вели Василка Димитровска, директорка на „Хаемус“.

Во рамките на оваа прошетка е вклучен едукативен дел за таканаречените палати на старо Скопје, кои се наоѓаат во самиот центар на градот и во нивната архитектура може да се забележат влијанијата на многу европски стилови, како што се експресионизмот, академизмот, традицијата и модерниот стил, а честопати се дополнети со елементи на византиска традиција, класика, ренесанса и барок. „Хаемус“ изработи обемна научноистражувачка студија посветена на животот во Скопје, кој културно, социјално и економски интензивно се развивал во периодот помеѓу двете светски војни. Дел од оваа студија е посветен и на таканаречените палати на старо Скопје, кои го преживеале земјотресот од 1963 г., а денес некои од нив се заштитени со закон и прогласени за културно наследство на Република Македонија. „Со оваа тура сакаме искуството што го акумулиравме работејќи на овој проект да го споделиме со граѓаните и на тој начин нашите сознанија за старо Скопје да ги дисеминираме со заедницата“ – истакнуваат од „Хаемус“.Целта на оваа тура низ центарот на Скопје е промоција и популаризација на богатото архитектонско наследство, кое несомнено оставило трага во архитектурата и уметноста на главниот град.

Јасмина Никова