БРЕГЗИТ

Џонсон за нови избори ако ЕУ предложи одложување на рокот

23.10.2019 14:03

Европскиот Совет ќе препорача другите 27 земји членки на Европската Унија да одобрат одложување на датумот за Брегзит.

Парламентот во Вестминстер за прв пат го одобри договорот на британскиот премиер, но не и да решава по итна постапка. Борис Џонсон го паузираше процесот за негова ратификација.

Британскиот премиер Борис Џонсон инсистира на нови избори доколу ЕУ предложи рокот за Брегзит да се одложи до јануари. Пратениците во Вестминстер начелно го прифатија неговиот договор, но не и расправа по итна постапка. Законот го обврза да прати писмо до ЕУ во кое, против својата волја, бара тримесечно одложување на терминот за Брегзит, со што се избегнува сценариото без договор.

Борис Џонсон - Премиер на Обединетото Кралство

Во никој случај нема да дозволам уште месеци од ова. Ако Парлментот одбие да дозволи спроведување на Брегзит и наместо тоа одложи се до јануари или подолго, под тие услови, договорот ќе мора да биде повлечен и ќе мора да одиме на избори.

Откако Џонсон одлучи процесот за ратификување да  паузира, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск со писмена процедура му предлага на блокот да го прифати барањето од Лондон за пролонгирање. Според Би-Би-Си, Брисел размислува и за пролонгирање со флексибилен датум,  доколку Обединетото Кралство успее да го ратификува договорот пред одредениот термин.

Доналд Туск - Претседател на Европскиот Совет

Треба да се подготвиме за секое можно сценарио, но една работа треба да биде јасна, и тоа му го кажав на премиерот Џонсон. Ние никогаш нема да дискутираме за сценарио без договор.


Жан Клод Јункер - Претседател на Европската Комисија

Не е возможно, незамисливо е дека овој парламент ќе го ратификува договорот пред Вестминстер да го стори тоа. Првин треба Лондон, па Брисел и Стразбур.

За разлика од повеќето земји-членки на Унијата, Франција е подготвена да му даде на Лондон одложување од само неколку дена додека Обединетото Кралство не ја заврши ратификацијата. Според Париз, подолг период може да се злоупотреби за повторно преговарање на спогодбата. И Германија има сличен став со својот југозападен сосед.

За активирање на одложувањето се потребни потврдни гласови од сите 27 земји-членки на ЕУ.