СИРИЈА

Трамп: Ние договоривме примирје и спасивме многу Курди

24.10.2019 14:46

Турција и Русија со договор за поделба на контролата

Американскиот Претседател Трамп ги укина санкциите за Турција воведени поради операцијата во Сирија.. Конфликтот е тема и на бриселската средба на министрите за одбрана на НАТО. Алијансата смета дека насилството е драстично намалено по договорот на двете клучни нејзини членки - САД  и Турција.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека САД се заслужни за примирјето во Сирија и за спасувањето на многу Курди кои успеале мирно да ја напуштат границата со Турција. Додаде дека дел од американските војници остануваат на фронтот да ги штитат нафтените наоѓалишта, а неговата политика за Блискиот исток ќе заземе поинаков правец од оној на претходните челници на Белата куќа.

Доналд Трамп - Претседател на САД

Владата на Турција ја информираше мојата администрација дека ќе ја сопре офанзивата во Сирија и дека прекинот на огнот ќе биде постојан. И така и ќе биде. Дефиницијата за „постојан“ е малку сомнителна во тој дел од светот, знаеме сите. Но верувам дека ќе биде траен. Поради тоа, му дадов насоки на министерот за финансии да ги укине сите санкции воведени на 14 октомври како одговор на воената акција на Турција против Курдите на северната граница.

На 17 октомври, официјална Анкара, по барање од САД, се согласи да ја сопре операцијата на пет дена. Договорот со Вашингтон предвидува и воспоставување на „сигурна зона“ на границата со Сирија каде што би се вратиле бегалците што ги прими Турција.

Јенс Столтенберг - Генерален секретар на НАТО

Охрабрени сме од резултатите на турско-американскиот договор. Сега е потребно што е можно поскоро да се постигне политички договор.

Во меѓувреме, Анкара во договор и со Москва за поделба на контролата над североисточна Сирија. Турција ја задржува областа што ја освои досега, а руските и сириските сили го контролираат преостанатиот дел од границата.

Игор Серитски - Командант  на руските сили во Сирија

Руската воена полиција почна да патролира на сириско-турската граница. Стационирани сме на два километра од градот Аинел-Аруб, односно Кобани. Овде ќе се распореди една единица на руските сили.

Договорот предвидува повлекување на Курдските борци во рок од 150 часа почнувајќи од вчера напладне.