СВЕТСКА БАНКА

17-то место за земјава на „Дуинг бизнис“

24.10.2019 15:44

Пад од 7 позиции во рангирањето „Дуинг бизнис“ на Светска банка. Објавен е најновиот извештај.

Земјава се најде на 17 место во конкуренција од 190 држави. Изминатава година е забележан напредок во 3 области.

Македонија се најде на 17-то место од вкупно 190 рангирани држави во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка за 2020 година. Ова е за 7 позиции пониско од претходниот, кога бевме во првата десетка, но сè уште сме единствени од регионот кои котираат високо на листата. Исто така, подобро сме рангирани од 24 земји-членки на Европската унија. За нас е нотиран напредок кај три индикатори кои се предмет на анализа, и тоа во делот на добивањето градежни дозволи, пристапот до електрична енергија и спроведувањето на договорите, кај другите нема промени. Светска банка објаснува дека годинава била променета методологијата за пресметка, што влијаело врз конечниот пласман.

„Северна Македонија го олесни процесот на спроведување договори со поедноставување на пресметката на трошоците за спроведување, но и правејќи го целиот процес поевтин. Северна Македонија ги измени регулативите за вработување во врска со пробниот период за работа, приоритетните правила кај прогласувањето технолошки вишок и повторно вработување, и исплата на отпремнина“, стои во Изветшајот.

Од Владата коментар – Северна Македонија ја задржа лидерската позиција во регионот според условите за водење бизнис на ранг-листата на Светска банка.

Истражувањето се базира на информации добиени од државните институции, но и од приватниот сектор, а предмет на интерес се неколку области: започнувањето бизнис, пристапот до кредити, спроведувањето на договорите, заштитата на малцинските инвеститори, добивањето градежни дозволи, пристапот до електрична енергија, регистрацијата на имот, плаќањето даноци, прекуграничното тргување и решавање несолвентност. Рангирањето го предводат Нов Зеланд, Сингапур и Хонг Конг, а на дното се Сомалија, Еритреја и Венецуела.

Новинар: Мартин Пушевски