Ердоган: Време е да ја отвориме вратата за бегалците
Европратениците изгласаа резолуција за зголемување на дипломатскиот притисок врз Турција која очекуваат да ја запре воената операција во североисточна Сирија.

Анкара повторно со предурпедување до Брисел- ќе се соочите со нов бегалски бран. На турско-сириската граница се распоредени и руски војници, а Пентагон праќа американски трупи кои ќе ги штитат нафтените полиња.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повторно им се закани на европските земји со отворање на границите за сириските бегалци. Предупреди дека Стариот континент може да стане дом за нов бран од четири милиони бегалци кои би ја напуштиле Турција доколку и натаму Западот тврди дека Анкара води слаба хуманитарна политика.
Реџеп Тајип Ердоган - Претседател на Турција
Зошто вие не ги вдомите тие стотици илјади? Ајде да видиме како вие ќе се справите со ова прашање?Имате пари, имате моќ. Но веднаш нам ни се обраќате кога сто или двесте луѓе ќе пристигнат кај вас преку морето. Ни кажувате дека влегле на островот и слично. Погледнете, овде има 4 милиони. Никој не зборува за ова.
Европратениците ја осудија едностраната воена интервенција на Турција во североисточна Сирија што Анкара тврди дека ја почнала за да воспостави безбедносна зона за враќање на сириските бегалци. Усвоија резолуција со која го повикаа Европскиот совет да воведе санкции и забрана за издавање виза на турските службеници одговорни за кршење на човековите права.
Михаел Галер - Европратеник од Германија
Турција се оддалечува уште повеќе од политиката на ЕУ, па затоа нашата резолуција потсетува дека овој Парламент во март бараше прекин на пристапните разговори со Турција. Во крајна линија, ќе ја блокираме и царинската унија.
Осуда за потегот на Турција и од Пентагон кој најави зголемување на военото присуство на североистокот на Сирија за да се заштитат нафтените полиња од напади од Исламска држава.
Марк Еспер - Министер за одбрана на САД
Сите ни велат дека можевме да им се заканиме за да мируваат. Но ако го направев тоа, сега ќе требаше да им објаснам на Американците зошто сум ги жртвувал нашите војници. Нема да го направам тоа, нема да испратам авион и да мислат дека би нападнале членка на НАТО бидејќи не е изводливо тоа.
Еспер ја поздрави иницијативата на европските партнери за формирање на заеднички патроли во новиот коридор. Претходно, Анкара и Москва претставија агенда за окончување на осумгодишниот конфликт со којашто испратија суптилна порака на Американците дека тие немаат место во оформувањето на иднината на Сирија. „За 6 месеци ќе видиме каков е напредокот на Русија на турско-сириската граница“, нагласи шефот на Пентагон.
