ДОМАШНИ ЦВЕЌИЊА

Домашни билки што го чуваат вашето здравје

25.10.2019 14:27

Освен за естетика и пријатен амбиент домашните цвеќиња имаат влијание и на здравјето на луѓето.

Кога се прави изборот убаво е да се знае кое растение на  што делува. Овој факт и научно е потврден од бројни стручњаци.

На цвеќињата може да гледаме и како на чувари на нашето здравје. Ги има многу. Меѓу другите особини цвеќињата го прочистуваат воздухот, ги впиваат електромагнетните зрачења, го намалуваат стресот, шират позитивна енергија, го разубавуваат просторот, ги сузбиваат непријатните мириси, а заштитуваат и од бучава. За сето ова што ни го нудат цвеќињата бараат само малку внимание и време.

  Растенијата го прочистуваат воздухот така што го впиваат јаглерод диоксидот што го издишуваме, но и различните супстанции што се присутни во затворен простор, а произведуваат кислород. Едно интересно истражување на НАСА, врзано за употребата на билките како прочистувачи и освежувачи на воздухот во затворен простор, докажува колку благородна улога имаат домашните билки. Секоја од тестираните, во период од 2 години на вообичаен начин, на домашна температура и  клима, биле ставени во кабина од плексиглас. Секојдневно им се уфрлувало одредено количество на загадувачи и по 24 часа се мерело количеството на тој загадувач и се споредувале двете состојби. Резултатите биле изненадувачки, одредени билки за 24 часа ги отстранувале дури 90% од токсичните загадувачи на воздухот во просторијата во која живееме или работиме. Еве кои се тие чудотворни растенија:   
герберот и маргаритките, хризантемите, африканската темјанушка, орхидејата, филодендронот, сансеверија, драцена или дрво на животот, спатифилиум, бршлен, Алое вера, различни видови палми, папрат, и клорофит.

Од бројните загадувачи  на кои секојдневно сме изложени во затворен простор посебно се истакнува формалдехидот. Поради широката примена распростанет е насекаде. Го има во пената за изолација, во лепилата, во иверката, пластиката, дури и во хартиените шамивчиња и бришачи, во лаковите за нокти, во многу производи за нега на лице, тело и коса. Го има во теписите, завесите, во освежувачите за простории, во средствата за чистење, во дезодорансите и во многу други производи.  Затоа исклучително препорачливи билки за впивање на формалдехидот се филадендронот, алое вера и сансевилијата. Тие се покажале како најмоќно оружје во борбата против овој и други загадувачи  кои ги иритираат дишните патишта, предизвикуваат астма или алергии, предизвикуваат главоболки, умор, вртоглавици, а потенцијално се канцерогени.
Освен што го прочистуваат воздухот од токсични материи, одредени растенијата го оплеменуваат просторот со негативни јони кои константно недостасуваат во затворен простор. Улогата на негативните јони е константно да го подобруваат квалитетот на воздухот кој е пореметен поради расветлувањето , греењето и дејството на многу други домашни апарати. Истражувањата потврдуваат колку корисно дејство за здравјето имаат негативните јони. Тие ги витализираат клетките, ги  подобруваат метаболизмот, концентрацијата и будноста, ја зголемуваат отпорноста, корисни се против алергии, астма и главоболки.

Шефлерата е идеално растение на места каде што се пуши. Го впива никотинот и катранот од цигарите. Бара светлина и помалку вода. Златната ползавица ги впива отровните состојки од бензините и многу други отрови. Едноставна е и лесна за одгледување. Драцената го впива формалдехидот. Хлорофитумот исто така е многу корисен особено за на прозор, буквално е како филтер за надворешниот воздух. Салонските палми го влажнат воздухот и ги впиваат штетните материи од пластиките. Собните бршлени се шампиони за прочистување воздух. Треба да се искористат на секое можно место во домот.
 

Како да се одберат и каде да сместат билките за да ја  подобрат ускладеноста на умот, духот и телото?

 Фенг шуи има одредени правила. Го издвојува бамбусот како симбол на здравје и благосотојба. Трновитите билки се поставуваат на излезот зашто го осигуруваат и заштитуваат домот, а свежото цвеќе носи среќа и богатство. Билките со заоблени листови ја смируваат енергијата и се препорачуваат за северните делови на домот. Билките што имаат исправени листови нагоре припаѓаат на јанг енергијата и носат повеќе агресивна машка енергија, па треба да се биде внимателен на кое место се поставуваат. За просторот не се препорачливи билки со остри листови кои негативно делуваат и ја сечат аурата. Тие никако не смеат да се најдат на место на кое постојано седите или спиете, затоа што го намалуваат имунитетот.
И бојата на цвеќето има своја улога за здравјето на луѓето во просторот. Црвеното и жолтото цвеќе припаѓаат на јанг принципот што ја крева енергијата, а синото и виолетовото цвеќе делуваат смирувачки. Спатифилиумот, кој спаѓа во групата лилјани, ги елиминира штетните зрачења од мониторите и телевизорите, па препорачливо е да се чуваат близу до вакви уреди.

Лавандата е одличен избор за исцелување и заздравување, влијае на виталноста и на долговечност. Ако билките не се здрави, треба да се отстранат зашто привлекуваат негативна енергија.  Бидејќи билките во домашни услови се целосно зависни од нас, треба да им посветиме време, љубов и внимание.

Соња Стојановска