Современата амбалажа- важна на извозот на овошје и зеленчук

04.03.2014 12:06

За македонското овошје и зеленчук да се извезат, не им треба само квалитет, туку и стандардизирана амбалажа...

„Гајбица“ и „Американка“ не се псевдоними за некои личности, туку се имиња на бараните артикли кои македонскиот земјоделски производ го носат на пазарите низ светот. За македонското овошје и зеленчук да се извезат, не им треба само квалитет, туку и стандардизирана амбалажа. Големите откупувачи се жалат дека често се случува да им се вратат големи количества поради несоодветна амбалажа во која производот бргу се расипува.

Влезот кај нив, кај македонската роба, и не само на македонската роба, на стандардот и квалитетот на робата што се прима во големите супермаркети е многу подигнат. Тие бараат одлично пакување, одличен квалитет и тоа ја дава цената, вели Блажо Витанов, од Агрофруктус Струмица.

Поголемиот извоз на овошје и зеленчук, отвора простор за развој на бизнисот со амбалажа според строгите критериуми на ЕУ, но и другите држави. Оние кои досега работат во оваа област, најавуваат нови инвестиции и проширување на капацитетите поради зголемувањето на побарувачката за гајбите и картонските кутии.

Земјоделските производители кои се извозно ориентирани во Европската унија, имаат стандарди кои им ги налага Унијата за да ги продаваат нивните производи. Најчесто во картонска амбалажа, зашто таа е најеколошка и нема никакви инфекции, објаснува Васко Спасов од Амбалажен сервис- Струмица.

Во 2013 година откупот и извозот на свеж зеленчук и овошје бележи пад. Според Заводот за статистика во декември 2013-та во споредба со претходната извезени се скоро 31% помалку производи. Во најголемиот откупен центар во струмичкиот регион Агрофруктус, околу 25% потфрлиле од планираното пред се поради недостиг на суровина.

 

 

Катерина Давчева