,,Црвени емоции” на Стефановска во Музејот на град Скопје
,,Црвени емоции” е најновиот циклус на слики од креативниот опус на авторката Маја Стефановска во кој таа на исклучително деликатен начин ја третира главно женската фигура и нејзините бескрајни метаморфози и трансформации, низ сите животни фази и периоди и различни психолошко емоционални состојби.

Во последните свои циклуси, Стефановска со порив на имагинативен раскажувач, успешно го негува фигуративното сликарство како стилска определба. Нејзиниот сликарски универзум се состои од документирани сцени проткаени со мистериите на љубовта, радоста и непредвидливоста на живеењето, меланхолија од некои замрзнати мигови присутни во некоја друга стварност, реминисценција и носталгија по изгубени времиња од кои останале распарчени фрагменти сеќавања кои таа ги преточува во слики - сведоштва полни со сензибилитет и суптилност на искусеното. Во околу 60-ина дела (“Принцеза во ноќта”, “Растурени емоции”, “Сериозноста на животот”, “Патувам со куќата”, “Потекло”, “Едно”, “Бабино сонце”) - длабоко лични, интимни и натопени со емоции, се претставени различни женски фигури, групни и индивидуални портрети и поретко актови. Изложбата ,,Црвени емоции” ќе биде отворена на 28 октомври, а ќе трае до 6 ноември.
