Филмовите на Манчевски за Светскиот ден на аудиовизуелното наследство
Мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство е „Вклучи го минатото преку слика и тон“, сето она што во минатото е впишано, снимено, забележано на аудиовизуелен медиум, што се чува во архивите, збирките, музеите, да се употреби, примени, вклучи во сегашноста и секојдневното живеење

По повод Светскиот ден на аудиовизелно наследство во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани филмовите од приватната збирка на режисерот Милчо Манчевски. Филмовите на 35мм лента и во ДЦП формат беа донесени од Њујорк во Скопје, и ќе останат на трајно чување во филмските депоа на Кинотеката. Меѓу филмовите се наоѓаат и 35мм копии на сите играни филмови на Манчевски, а . на 2 ноември ќе има проекција на копијата од ,,Бикини Мун”, на 3 ноември проекција на ,,Мајки” , на 12 ноември ќе биде прикажан ,,Сенки”, а на 15 ноември ,,Прашина”. Во Кинотеката по повод донацијата и по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство во ноември Манчевски свечено ќе ги отстапи на чување и користење овие филмови на Кинотеката.Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви и осум други сродни меѓународни организации, меѓу кои и ФИАФ, кадешто членува Кинотеката на Македонија, а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното налседство за идните генерации. Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки итн.) од цел свет во периодот пред крајот на октомври на различни начини го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн, со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на овие материјали и нивното значење за колективната меморија.Оттаму и филмовите на Манчевски ќе бидат прикажани во чест на аудиовизуелното наследство, бидејќи со самото нивно депонирање во Кинотеката на РСМ, нивното значење за македонската кинематографија и успех во светот, за нашата култура и народ претставуваат аудиовизулно наследство.
