ИЗЛОЖБА

Скулптурите на Поповски во галеријата Ел Греко

28.10.2019 11:54

Во галеријата Ел Греко поставена е изложбата на Сашо Поповски. Поповски се преставува со галериска пластика, што значи дека авторот во процесот на создавање го реализирал саканиот пластичен и визуелен ефект во целост.

Изложените дела се создадени последните две години и преставуваат синтеза на неговите идеи и истражувања за неговото лично обележје во скулптурите. Тој вешто ја поврзува формата со сугестија на тродимензионалност. Експресијата на обликот ја постигнува со варијации на изобличеност и вдлабнатини, полирање и грубост на површините, робусност во обликувањето и префинета линија на движењата како и светлосен рефлекс на површините. Поповски во најновите творби го шири иконографскиот репертоар и симболичкото значење правејки синтеза со елементи на класични и модерни скулптури проткаени со хуманистичка содржина. Во поголем број на скулптури доминира женскиот акт создаден од бел мермер, а во некои вметнува и елементи во бронза складно и ефектно укомпонирани. Скулптуралната маса е компактна, а обликот затворен, напнат сугерирајќи исконска симболика на плодноста, естетски стилизирана еротика на обликот.