Промоција на книга
Издавачката куќа „Метаноја“ со особена чест и радост Ве поканува на промоција на книгата „Мирисливите бои на душата“ од Катица Трајковска Абјаниќ, настан во знак на сеќавање на авторката.

Катица Трајковска Абјаниќ (1951 – 2018) е личност која остави траен белег врз македонската култура. Таа беше позната ТВ - новинарка, уредничка и авторка од областа на културата, која најголемиот дел од својот работен век ѝ го посвети на Редакцијата за култура и уметност во Македонска радиотелевизија. Таа беше една од пионерите на дигиталната уметност во Македонија, а го даде и совојот придонес за развојот на франкофонијата во Македонија.
„Мирисливите бои на душата“ е зборовен израз на нејзината духовна состојба во дванаесет месечната борба со болеста. Инспирирана од благодарноста, таа напиша куси раскази за средбите и личностите кои оставиле белег на нејзината животна отсечка. Оваа книга е израз на љубовта и страданието, но пред сѐ на благодарноста која секој од нас треба да ја има и во најтешките мигови од животот.
Книгата е поделена на неколку целини, па така освен кусите раскази на Трајковска Абјаниќ, поместени се текстови од Коста Милков, отец Климент, Кица Колбе, Андреј Јованчевски, Емилија Џипунова, Искра Гешоска и дон Давор Топиќ. Тие од различен аспект пишуваат за средбите со авторката, нејзините раскази и пријателствувањето со неа. Во оваа прилика изразуваме огромна благодарност затоа што го прифатија предизвикот да ја создадеме оваа книга како израз на љубов и благодарност кон Катица.
Промоцијата ќе се одржи на 30ти октомври на малата сцена во Македонскиот народен театар. Почеток во 19 часот.
Срдечно сте добредојдени!
За авторката и за книгата напишаа:
„Зборовите се згуснати. Стануваат шифра и симбол. Сликата и зборот копнеат да се слеат еден во друг. Тоа се случува постојано во кусите раскази на Катица Трајковска Абјаниќ. Во молкот на записот нејзините зборови се преобразуваат во сликозбор. И откриваат длабоко, незамисливо страдање. Зборовите се дневник на нејзиното страдање. И тоа каков дневник! Преполн со благост и небеска леснотија. Тој дозволува само да се насети низ каква болка поминувала таа во близината на смртта. Сепак, записите се преполни со живот. Со силна жед за живот! За живот и убавина!“
- Кица Колбе
„Овде, таа искрено и простодушно ги запишува впечатоците од луѓето што биле столбови на нејзината смисла и радост. Со тоа, без да сака, покажува како умира културниот човек: сит од големите искуства што цел живот ги примал, ги пренесувал и ги приредувал, верно го отсликува суптилниот релјеф на последните доживувања. Со други зборови, доволно тивко и доволно гласно зборува за формите што на крајот се покажуваат како најсуштествени.“
- Андреј Јованчевски
„Катица Трајковска Абјаниќ беше дефиниција за авангардата во нашата култура. Затоа што таа беше отстапка, тајна, исчекор, манифест на новото и современоста, и тоа на еден продлабочен, иманентен, но дискретен начин. Таа беше втемелувачки став за сите нешта кои новите ветришта во уметноста и културата требаа да ги вдахнат како пионерски правец во сопствените субверзивни коридори. Катица ни ја подари тишината која зборуваше, менуваше, ослободуваше, охрабруваше и поттикнуваше да се поместуваат хоризонтите во културата, уметноста и животот. Толку тивка, а толку придвижувачка... “
- Искра Гешоска
„Доколку човекот е дрво со корен кон небото, тогаш мојата пријателка имаше таков небесен корен. Под таа разгранета крошна, секој можеше да најде засолниште, одмор и спокој. Од нејзиното креативно творештво се вкусуваа зрели, сочни и рафинирани плодови. Беше дар да се има таква личност за наш современик и сопатник. Постојат секакви прегратки, но претсмртната од смрт води во живот.“
- отец Климент
„Катица беше неуморна во тоа да создаде контекст за некој друг да дојде до израз. Во сите нејзини новинарски потфати во кои таа ја покриваше работата на „Балканскиот институт за вера и култура“, како и на изданијата „Метаноја“, за оние кои знаеја, можеше да се види духот и генијот на Катица, но на начин кој неа самата ја притајува за темата која се обработува да блесне пред публиката.“
- Коста Милков
„Верувам дека сите би се согласиле дека од средбата со неа заминувавме збогатени, дека моментите и разговорите со неа секогаш беа длабоки, вистински, автентични. Катица е таа која примила многу таленти и ги умножила, со радост ги дала на располагање и така оставаше зад себе длабоки бразди, светли траги, блескави дела. Отмена и одмерена, едноставна и скромна, ненаметлива и вредна, со истенчено чувство за вистинското, за убавото, за светото, за хуманото. Сето тоа го доживував во нејзина близина.“
- дон Давор Топиќ
