БРЕГЗИТ

Еу дозволи пролонгирање на датумот до 31 Јануари

28.10.2019 13:31

Брисел се согласи на јануарски рок за Брегзит, се очекува одлуката од Вестминстер. Стартот на неделата резервиран за планот на Борис Џонсон за избори на 12 декември.

Повеќето опозициски партии најавија дека ќе се воздржат или ќе го отфрлат предлогот, така што е неизвесно дали премиерот ќе ја добие потребната двотретинска поддршка во Парламентот.

Европската унија се согласи Брегзит да биде одложен до 31 јануари идната година. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ја објави одлуката на неговиот профил на Твитер, додавајќи дека блокот дозволува флексибилно пролонгирање доколку Обединетото Кралство успее да го ратификува договорот за разделба со Брисел пред јануарскиот термин. Нареден чекор во Брисел е формализирање на ставот во писмена форма. Во Лондон, власта и опозицијата во нова битка во Парламентот. Пратениците и натаму поделени за предлогот за предвремени избори поднесени од премиерот Борис Џонсон кој го одреди 12 декември како рок. Две опозициски партии, Шкотската национална партија и Либералните демократи, инсистираат да се гласа три дена порано. Нивната цел е да се запре сценариото без договор.

Џо Свинсон - Лидер на Либералдемократите

Еден од главните проблеми на многумина за распишувањето вонредни избори е можноста за излез од Унијата без договор во период на самите избори или веднаш потоа. Нашиот план ја елиминира таа закана.

 

Џејмс Клеверли - Член на Конзервативната Партија

Нивниот план е трик. Го поместуваат датумот за три дена, целосно го тргнуваат од маса договорот за повлекување. Ако навистина сакаат да гласаат за избори, може да гласаат за нашиот план.

Според анкетите на агенцијата „Опиниум“, поддршката за конзервативците се зголемила за три бода во однос на испитувањето на јавното мислење спроведено пред осум дена. Редовните избори во Британија треба да се одржат во 2022 година.