Калинката – овошје на боговите и сојузник на здравјето
Плодната и великодушна есен меѓу другото ни ја подари и калинката, есенција на здравјето, овошје кое изобилува со витамини, кое се споменува во библијата, овошје кое што подмладува , кое го сопира времето, кое се смета дека е меѓу најлековитите на светот.

Со векови калинките претставувале симбол за плодност и за изобилство, а она што некогаш било верување или мит, денеска го докажала науката. Потекнува од Персија. Се смета дека е овошје на боговите. Во древните записи црвените зрна се споредуваат со крв која може да ја врати младоста, да го продолжи животот, но и како конекција меѓу светот на живите и светото на мртвите. Користена е како лек уште во античко време, а се смета дека носи среќа во домот. Од Персија се проширила низ медитеранот, а со Маварите стигнала во Шпанија . Гранада дури и го носи името според ова овошје. Древните Египќани биле погребувани со калинки, зашто верувале дека се симбол за нов живот. Калинката или нарот било обожувано овошје и за пророкот Мухамед , а на верските слики многу често се прикажани мајката Богородица и малиот Исус како држат калинки во рацете. Калинката е важен дел на либанската,иранската, турската,грчката и индиската кујна, а заради своето благотворно дејство била користена во народната медицина и во козметички цели.
Речиси во секоја религија симболизира брак и плодност, раѓање и вечен живот, изобилство и просперитет. За евреите калинката претставувала праведност, за христијаните живот и надеж за вечен живот. За римјаните претставувала симбол за брак. И денес калинката е присутна на свадби и празници...
Освен што е вкусна, калинката е антиоксидант, сокот е добар за апсорпција на слободните радикали кои се наоѓаат во организмот. Калинката е сојузник на женското здравје...Жените со тегоби пред или пост менопаузата, со промена на расположението, валунзи, со намалување на густината на коските треба да пијат по една чаша исцеден сок од калинки кој благотворно делува и ја ублажува депресијата. Јапонските истражувања спроведени во 2004 година, ја докажале промената на расположението кај жените по испиена чаша сок од калинка. Го смалува ризикот од рак на дојка , од остеопороза, го јакне срцето и го намалува ризикот за коронарни заболувања кои се присутни во менопаузата. Токму рајското овошје- калинка ги тера надвор тегобите од менопаузата.
Според истражувањата и доказите на научниците го спречува стареењето поради антиоксидативните својства, ги штити бубрезите од токсини, го штити и регенира црниот дроб, го јакнее имунитетот, содржи многу витамин Ц, ги спречува биохемиските процеси поврзани со алергиски реакции. Калинката го синтетизира холестеролот и маснотиите во крвните садови и затоа е чувар на кардио васкуларниот систем. Штити и од рак на простата, на кожа. Фитонутритиентите и антиоксидантите го заштитуваат генетскиот материјал во организмот. Калинката го нормализира крвниот притисок, го регулира метаболизмот, шеќерот во крвта, корисна е против воспаленија, штити од инфекции, од појава на алцхајмерова болест, од остеоартритис.
Значи сите овие докази ја прават калинката меѓу најатрактивните овоштија на планетава и во континуитет, со милениуми претставува благодет на земјава.
Соња Стојановска
