ЕКОЛОГИЈА

Екологија - најзагадените градови

28.10.2019 12:24

Наслов- Скопје се вброи меѓу десетте најзагадените градови во светот, откако во воздухот беа измерени 129 микрограми ПМ 10 честици на метар кубен.

Секоја година нашата држава има проблеми со загаденоста на воздухот и тоа се случува особено во градовите Скопје , Куманово, Битола, Тетово и во други градови. За квалитетен живот, за чиста животна средина, најважен е пред сè менталитетот на луѓето,а секако и стандардот, a кај нас го нема ниту едното, ниту другото, потврдуваат надлежните служби,но и  дел од свесните  граѓани.Откако деновиве беше соопштено дека  Куманово е на првото место според загаденост во светски рамки, за само неколку дена  и Скопје се вброи меѓу десетте најзагадените градови во светот, откако во воздухот беа измерени 129 микрограми ПМ 10 честици на метар кубен. Во Куманово беше забележана алармантна загаденост на воздухот каде ПМ 10 честиците беа 35 пати над дозволената граница, односно изнесуваа  над 1800 микрограми на метар кубен.

Максималните дозволени концентрации на честичките ПМ 10 во амбиенталниот воздух во Скопје честопати  се надминати, па истото се случува и деновиве, откако Скопје се најде на списокот со десет  најзагадени  градови во светот. Се очекува со намалувањето на температурите и загаденоста да биде зголемена.Според  направените анализи во претходните години најголемото загадување на амбиенталниот воздух во главниот град во голема мера  е последица од начинот на кој се затоплуваат домаќинствата. За жал, голем дел од домаќинствата не горат само дрва, туку користат и гуми од возила и камиони и стар мебел. Согорувањето на сето ова емитира високозагадувачки материи во воздухот.Ова се повторува со години наназад. Загадениот воздух го чувствуваме се повеќе, а тоа се забележува и по бројот на  пациенти кои страдаат од заболувања на дишните органи, но и од голем број други здравствени нарушувања.

Градот Скопје, во соработка со Финскиот институт за метеорологија, со Австриската агенција за животна средина и со Министерството за животна средина и просторно планирање, пред неколку години изработи сеопфатен план за квалитетот на воздухот во Скопје. Овој план покажува дека најголемото загадување на воздухот во Скопје со честички ПМ10 потекнува од затоплувањето на домаќинствата, и тоа со 32 %. Потоа следуваат: сообраќајот со 20 %, прашината создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности – 19 %, индустријата – 18 %, сулфатните соли – 7 %, нитратните соли – 2 % и прекуграничниот пренос на загадувачки супстанции.Со цел изнаоѓање  решенија за овој проблем минатата година Град Скопје воведе мерки за борба против загаденоста. Во услови на екстремна загаденост, автобусите беа  бесплатни, се ограничи возењето на автомобилите, а паркинг услугите се наплаќаа двојно.За да се намали загадувањето во Скопје, односно за да се доведат концентрациите на загадувачките материи во дозволените граници, ќе бидат потребни повеќе години, дури и децении. Искуствата од најразвиените земји, многу побогати од Македонија, говорат дека била потребна долготрајна борба за обезбедување здрава животна средина за граѓаните.

Јасмина Никова