РАК НА ДОЈКА

Октомври -месец посветен на борбата против ракот на дојка

29.10.2019 14:41

Кампања #ПаузаЗаПреглед

Октомври  е месец посветен на борбата против ракот на дојка,па  во тек е  меѓународната здравствена кампања посветена на зголемување на свеста за болеста ,за  превенција, дијагноза, третман и лекување.  Преку кампањата #ПаузаЗаПреглед, јавноста се повикува на активна едукација за ракот на дојка и за важностите на рана детекција и превенција на оваа болест. Со приклучување кон целите на оваа кампања, сите ние се приклучуваме во борбата  што секојдневно ја водат милиони жени во светот. Уште денеска, одвојте време за себе и направете пауза за преглед за да го зачувате вашето здравје, порачуваат лекарите, но и оние кои ја воделе или сеуште ја водат битката со ракот на дојка.

На светско ниво,токму ракот на дојката е најчест рак кај жените, опфаќајќи околу 10% од женската популација во некоја етапа од нивниот живот. Според статистиката на  Институтот за јавно здравје, од рак на дојка во нашата држава годишно умираат 279 жени или 27 жени на 100.000. Оваа бројка што би била значително помала доколку болеста се открие во ран стадиум. Покрај напорите што се прават за да се постигне рана детекција и ефективен третман, околу 20% од пациентите со рак на дојката умираат од оваа болест. Најголем број од смртните случаи се на возраст од 55 до 59 години. Превенцијата вклучува самопреглед на дојките и мамографски преглед со цел болеста да се открие во претклинички стадиум. Минатата година се регистрирани 218 случаи на рак на дојка кај жени и четири кај мажи. Кај младите жени на возраст под 40 години се пријавени петнаесет нови случаи.

Во земјава и во светот, секој на свој начин се обидува да даде свој придонес во националната борба против ракот на дојката. Она што секој од нас може и треба да го направи е да  искаже јавна  поддршка на сите кои директно или индиректно се засегнати со болеста, како родители, партнери, деца, пријатели. Од особено значење е да им се оддаде признание на оние кои досега успеале да ја пребродат болеста, бидејќи можат да  посведочат за вербата, истрајноста, упорноста и пожртвуваноста. Токму тие, оние кои успеале и победиле се поттикнувачи на сите следни иницијативи во борбата против ракот на дојката.Во текот на овој месец, но и во текот на целата година, се организираат настани кои го насочуваат вниманието на јавноста кон оваа болест и кампањи со кои се нуди поддршка и информации за засегнатите од ракот на дојката. Поради тоа  за поздрав се  сите проекти, кампањи и акции на државните институции, на здравствените установи, медицинските професионалци и граѓанскиот сектор.

Јасмина Никова