БРЕГЗИТ

Џонсон: Изборите ќе бидат тешка битка

30.10.2019 14:14

Со 438 гласови „за“, 20 „против“ пратениците во британскиот долен дом го усвоија предлогот на премиерот Борис Џонсон за предвремени парламентарни избори на 12-ти декември.. Зелено светло се очекува и од лордовите!

По серијата неуспеси, премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон конечно доби поддршка од пратениците во Долниот дом за свој предлог за Брегзит. На 12 декември граѓаните одат на предвремени, но и предбожиќни избори – практика којашто за последен пат била регистрирана во 1923 година. Иако постои ризик од помала излезност, владиниот кабинет се подготвува за освежување на својот мандат, насетувајќи нова шанса за успех за планот за разделбата од Брисел. Џонсон изрази подготвеност за тешка битка која, како што вели, ќе стави крај на безизлезната состојба во Вестминстер што довела до тримесечно одложување на рокот за Брегзит и потенцијало загрозување на економијата.

Борис Џонсон - Премиер на Обединетото Кралство

Чудесна е состојбата на британската економија со оглед на ситуацијата во Парламентот. За неколку недели новиот парламент ќе треба да го ратификува договорот за повлекување и да го заврши овој долг период на неодлучност и одложување.

За лидерот на лабуристите Џереми Корбин, изборите се шанса која се јавува еднаш во сто години за трансформирање на земјата. Веќе најавува амбициозна и радикална кампања за вистински промени.

Џереми Корбин - Лидер на Партијата на лабуристите

Постојано велевме дека сакаме избори, уште сме за избори, но и за отстранување на сценариото без договор. Сега кога имаме потврда од сите земји-членки на ЕУ дека тоа е така, тргнуваме со најголемата кампања на оваа партија досега.

Додека Џонсон и Корбин се подготвуваат за главната битка, дел од нивните сопартијци ги напуштаат пратеничките места поради несогласувања и неизвесност во нивната политик за Брегзит. Амбер Рад е 51. пратеник кој заминува пред декемвриското гласање иако ги подобри односите со Џонсон и неодамна им се врати на Ториевците. 

Неколку часа пред парламентот на Британија да ги одобри третите по ред избори во последните четири години, Европската унија по трет пат го одложи разводот со Лондон што првично требаше да се случи на 29 март.