Активности на тема детски права и детско учество
Активности кои Детската амбасада МЕЃАШИ ги реализира во рамките на проектот: „Да ги земеме правата во наши раце“,

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ во текот на месец октомври по повод Детската недела, организираше неколку настани во знакот на детските права и детското учество во процесите на донесување одлуки.
Овие активности Детската амбасада МЕЃАШИ ги реализира во рамките на проектот: „Да ги земеме правата во наши раце“,
По тој повод, тим на ПДАС Меѓаши го посети ОУ ,,Славчо Стојменски“ од Виница и спроведе кратка обука за потсетување на детските права и за лоцирање на 5 најголеми проблеми со кои се судираат децата во општина Виница. Потоа, децата го посетија градоначалникот на Виница и ги презентираа нивните потреби во рамките на образованието и општествено-социјалниот живот во Виница, поставувајќи ги конкретните прашања за кои веќе беа договорени.
На тој настан, најмладите проговорија за проблемот со големиот број кучиња скитници; за потребата за изградба на велосипедски патеки; за подобрување на културниот живот во Виница и за можностите за отварање кино но и за проекти од инфраструктурно значење како што е водоснабдувањето во с.Лески.
Учениците ја искористија можноста и побараа од општината да му се помогне на ученик од социјално-ранлива категорија на семејство.
Со нескриено задоволство општинските авторитети одговараа на секое прашање додека децата, како вистински професионалци, сите нивни барања ги забележаа во училишниот записник, а одговорите од градоначалникот уредно ги евидентираа. Учениците најавија будно следење на работата на општината и исполнување на нивните барања.
Подготви
Радмила Гиевска
