Закон за акцизи
Предлог за одлагање на отпочнувањето на примената на Законот за акцизите , кој наместо од 1 ноември 2019 година треба да отпочне да се применува од 1 јануари 2020 година

Во собраниска процедура влезе Предлог-Закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка.Со измените иницирани од пратениците Ристе Ташев, Панчо Минов, Артан Груби и Мирослав Јовановиќ се врши допрецизирање и доуредување на одредбите од постоечката регулатива кои се во насока на подобрување на функционирањето на акцизните обврзници.
Предлагачите сметаат дека со истите се овозможува на економските оператори кои ќе работат со новите тутунски производи предвидени со новиот Закон за акцизите месечните потреби за планирани количини од акцизни марки за месец јануари 2020 година да ги пријават до надлежниот царински орган од 1 декември до 10 декември 2019 година.На овој начин им се овозможува на економските оператори навремено да ги започнат своите планирани активности со новите тутунски производи.
Во предлогот за кој ќе расправаат пратениците се доуредува обврската за користење на мерните уреди кои покрај мерењето на количината го мерат и процентот на алкохол. Во оваа насока се врши усогласување во делот на користењето на мерните уреди при мерењето на количините на произведено вино, при што истото се иззема од обврската за мерење и на процентот на алкохол, со оглед на тоа дека процентот на алкохол кај виното не е податок кој е потребен од аспект на пресметката на износот на акцизата, а користењето на вакви мерни уреди дополнително ќе ги оптерети акцизните обврзници , а , тоа се винариите кои произведуваат вино.
Понатака , се предлага исклучок од обележувањето на пурите само за пури кои се рачно изработени. Имено, рачно изработените пури спаѓаат во категоријата на луксузни тутунски производи, кои користат посебни етикети и се со повисоки малопродажни цени. Со цел да го задржат екслузивитетот и воедно и квалитетот, рачно изработените пури се чуваат во специјални кутии (хумидори) и истите воглавно се продаваат по парче. Со цел запазување на обврската за обележување на тутунските производи, предвидени се дополнителни обврски кои налагаат истите да се продаваат непосредно од оригиналното пакување кое содржи повеќе од една пура и истото да биде обележано со акцизна марка која мора да биде прекината при отварањето, при што заради следливост на трговската документација серискиот број на акцизната марка треба да остане видлив.
За групата пратеници кои ги предлагаат измените важно е усогласување на мерните уреди кои покрај мерење на количината го мерат и процентот на алкохол, односно се пропишува рок од една година за усогласувањето на постоечките мерни уреди кај имателите на акцизни дозволи.
Законските новини пропишуваат измени и дополнувања со цел непречена активност на акцизните обврзници кои планираат да работат со новите тутунски производи како тутун за водено луле (тутун за наргиле), тутун за џвакање, тутун за шмркање и несогорлив тутунски производ, како и течност за полнење на електронска цигара. За нив е предвидено да можат еден месец пред почетокот на примената на Законот за акцизите да пријават планирани месечни количини на акцизни марки за месец јануари 2020 година за обележување на овие производи. На овој начин им се овозможува на економските оператори навремено да ги започнат своите планирани активности со новите тутунски производи.
Групата пратеници предлагаат одлагање на отпочнувањето на примената на Законот за акцизите , односно наместо од 1 ноември 2019 година истиот да отпочне да се применува од 1 јануари 2020 година.
Милчо Атанасов
