TВИТЕР

Tвитер забранува политичко огласување

31.10.2019 14:32

Компанијата „Твитер“ ќе воведе забрана за секакво политичко огласување на социјалната мрежа од 22 ноември.

Според менаџментот на гигантот во интернет просторот, пристапот на тие содржини треба да биде заслужен, а не купен. Извршниот директор Дорси е револтиран што социјалните медиуми се користат и за ширење неточни содржини.

ЏЕК ДОРСИ • ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА ТВИТЕР

Иако огласувањето на интернет е неверојатно моќно и многу ефикасно за комерцијалните огласувачи, таа моќ носи големи ризици за политиката каде што може да се искористи за влијание врз гласовите и животите на милиони.

 

Одлуката на Твитер се носи во динамичен политички период во САД каде што се водат кампањи за претседателските избори. За републиканците, забраната е уште еден обид да се замолчи челникот на Белата куќа Доналд Трамп и конзервативците. Демократите, пак, го поздравуваат потегот на Твитер којшто меѓу зачувувањето на интегритетот на општеството и апетитот за профит, одбрал да не му даде предност на доларот.

Конкурентската социјална мрежа „Фејсбук“ со полиберален став. Објавите од политичарите, ниту се проверуваат ниту се отстрануваат.

МАРК ЗАКЕРБЕРГ • ОСНОВАЧ НА ФЕЈСБУК

Во демократија, не мислам дека е правилно приватните компании да цензурираат политичари или вести. Подобар пристап е да се зголеми транспарентноста. Огласувањето на Фејсбук е потранспарентно од која било друга мрежа.

Инаку, „Фејсбук“ се согласи да плати казна од 500 илјади фунти за непочитување на законот за заштита на податоците во скандалот со консултантската фирма „Кембриџ аналитика“. Лани оваа компанија собра лични податоци од милион корисници на социјалната мрежа и ги злоупотреби за политички цели. „Фејсбук“ не призна одговорност за ланскиот мегаскандал.  

Маја Филдишев