Светски ден на штедењето
31 октомври е светски ден на штедењето, а се одбележува безмалку еден век.

Востановен е во 1924 година во Милано. Тогаш се состанале претставниците на сите светски штедилници со намера да пронајдат излез од кризата по Првата светска војна . Учесниците на конгресот се согласиле дека штедењето е неопходно за развојот на финансиските системи и за човештвото, па затоа 350-те делегати од 27 земји во светот решиле 31 октомври да го прогласат за Светски ден на штедењето како потреба и борба против расипништвото. Тогаш тие застапувале 100 милиони штедачи од цел свет. Така започнала ерата на размислувања за зачувување на постоечките ресурси и промени во нивниот начин на користење. Поголемиот број донесени резолуции се однесувале на подобра соработка меѓу банките, а таа намера ја оствариле преку основање Меѓународен институт на штедилниците и банките. Ако се земе предвид нестабилноста на периодот во кој се одвивале овие настани, важно било да се врати довербата на штедачите во системите и дополнително да се едуцираат, за да ја сфатат важноста на штедењето.
Штедењето е еден од темелите на растот и развојот на секоја земја преку што се доаѓа до повисок животен стандард и стабилност на националните економии. Професорот Филипо Равиѕа го прогласил 31 октомври за Светски ден на штедењето на последниот ден на конгресот и оттогаш во таа смисла не се променила важноста на штедењето. На овој ден кредитните институции обично донираат штедни касички, ги наградуваат најверните штедачи, донираат одредени средства во добротворни цели, или ги отвараат своите врати за најмладите и при посетата им објаснуваат од каква важност е штедењето за нивната иднина, им го објаснуваат начинот на функционирање на банкарските системи. Секој човек без разлика колку заработува, мора да знае и да штеди, да издвојува одреден процент од буџетот како фонд кој ќе го користи за одредена цел. Ова го знаат и применуваат сите успешни луѓе кои знаат да работат со парите. Финансиската писменост на глобално ниво па и кај Македонците се уште не е на многу високо ниво. Се троши повеќе отколку што се има, но сепак податоците последнава деценија покажуваат благ пораст на штедењето, инвестирањето и оплодувањето на парите. Иако склоноста кон штедење на македонските граѓани е ниска во однос на другите земји во поблиското и подалечното окружување, охрабрува и растот на депозитите во време на турбулентни економски движења во Европа и во светот. Граѓаните и натаму имаат голема доверба во банките. Кај нив чуваат во просек приближно 3 ипол милијарди евра или во просек секој Македонец има заштеда од 1.650 евра. Мотивите за штедење , според стручњаците, се каматните стапки, ценовната стабилност, променетиот систем на исплата на плати на трансакциски сметки и безготовинско плаќање.
Еве и еден интерес податок за институциите кои работата со пари. 5-те најголеми банки во светот, со најмногу депозити, најголеми мрежи, број на вработени се кинеските банки. А со години на тронот на бакарскиот свет е „Индустриска и комерцијална банка на Кина“ со 4 трилиони долари депозити и важи за најголема и најбогата банка на светотот.
Соња Стојановска
