Креативни работилници
Целите на работилниците се: развивање свесност за придобивките од интеркултурната/интеретничката комуникација; стекнување знаење за важноста на користењето креативни процеси во меѓуетничко интегрирано образование; стекнување искуство и знаења за водење креативни работилници.

Во СУГС „Браќа Миладиновци“ се реализира проектот:
КРЕАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ ЗА МЕЃУЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА НА МЛАДИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И ФОРУМ ТЕАТАР
Проектот, под покровителство на УАСИД и во соработка со Министерството за образование и култура и Град Скопје, ги промовира соживотот, меѓуетничката интеграција и кохезија во образовниот систем во нашава држава. Во проектот беа вклучени ученици од втора, трета и од четврта година, од паралелки со македонски и албански наставен јазик, под раководство на наставниците Валентина Великова, проф. по македонски јазик и литература и Назиме Ајредини, проф. по англиски јазик. Проектот се одвиваше во два дела: првиот дел беа креативните работилници, а вториот форум-театар. Во рамките на проектот соработници беа актерите Кети Дончевска Илиќ и Горан Илиќ кои беа дел од неколку наши работилници. Работилниците беа активни во текот на второто полугодие од учебната 2018-2019 година (од крајот на јануари до јуни). Целите на работилниците се: развивање свесност за придобивките од интеркултурната/интеретничката комуникација; стекнување знаење за важноста на користењето креативни процеси во меѓуетничко интегрирано образование; стекнување искуство и знаења за водење креативни работилници. На овие работилници, учениците меѓусебно се запознаваа на еден поинаков начин: ја запознаваа културата на другиот и своите впечатоци ги презентираа низ цртежи; се учеа да работат во групи и тимски ; споделуваа случки од секојдневниот живот со цел јакнење на тимската работа; преку замрзнати слики ги претставуваа основните емоции; се дискутираше за предрасудите, стереотипите и за дискриминацијата врз основа на етничката припадност, култура и сл. Наученото од работилниците беше претставено на завршната презентација што се одржа во училиштето на крајот од октомври, кога на учениците, учесници во проектот им беа доделени сертификати. Презентацијата имаше хуманитаран карактер, главни гости беа дечињата од Центарот за деца на улица во Кисела Вода. Ученици им подарија рачно изработени производи ,есенски венчиња, а потоа уживаа во обиколката на Зоолошката градина и во вкусната традиционална храна приготвена од учениците .
Подготви
Радмила Гиевска
