Фудбал

Операцијата ЕУРО 2016 започнува

04.03.2014 12:31

Утре е првиот официјализиран термин за подготвителни натпревари. Дел од оваа привлечна претстава ќе е и репрезентацијата на Македонија. Во Скопје гостува селекцијата на Летонија...

Се отвораат стадионите низ светот, истрчуваат националните тимови. На големата сцена стапува репрезентативниот фудбал. Утре е првиот официјализиран термин за подготвителни натпревари. Дел од оваа привлечна претстава ќе е и репрезентацијата на Македонија. Во Скопје гостува селекцијата на Летонија. Прв пат нашите избраници ќе играат  против фудбалерите од Балтикот. Тоа е земја во моментов  на 111-то место на листата на ФИФА, но која зад себе има учество на Европските првенства. Летонија беше главното изненадување во квалификациите за ЕУРО 2004, обезбедувајќи пат во Португалија на завршниот турнир. Една деценија подоцна  летонската репрезентација нема генерација играчи подготвени за сличен подвиг.

Квалификациите за Светското првенство ги заврши на претпоследното место во групата со Босна и Херцеговина, Грција, Словачка, Литванија и Лихтенштајн со 8 освоени бодови. Утрешниот натпревар на Филип Втори Арената е во 19 часот. За Македонија тоа ќе е првиот подготвителен тест во пресрет на  почетокот на есенските квалификации за Европското првенство во 2016 година. И екипите со кои македонската репрезентација е во Ц квалификационата група, утре ќе имат свој настап.

Шпанија, официјалниот светски и европски првак има силен и соодветен  опонент во селекцијата на Италија. Украина се определи моментните можности да ги провери против секогаш добро подгтвениот тим на САД. Словачка патува во Тел Авив на мегдан со Израел. Белорусија и гостува на Бугарија. Луксембург е домаќин на Зеленортските Острови.