ИЗЛОЖБА

FORMS IN BLACK- изложба на Мице Јанкуловски во Торино, Италија

01.11.2019 13:57

Утревечер во Торино, Италија се отвора изложбата на македонскиот уметник Мице Јанкуловски под наслов „Forms in black”.

Непосредно пред утрешното претставување, на Фиренца Бианале 2019, поточно на 22 октомри на  Мице Јанкуловски официјално му беше доделена наградата „Лоренцо ил Мањифико“ за животно остварување.

Носител на наградата е импозантното дело на Јанкуловски „Круговите на Леонардо“ 2017, серија од 11 слики, акрил на платно, 195 х 2145 см., од кое на Фиренца Биеналето беше изложен сегмент од 4 слики. Со ова дело, инспирирано од студијата на Леонардо за водата, Мице Јанкуловски на осмислен и интелигентен начин се поврза со темата на Фиренца Биенале 2019: За наследството на Леонардо да Винчи (по повод 500 години од неговата смрт).

На церемонијата на доделување на награди покрај останатите присуствувале и: Александар Наумовски, градоначалник на Ѓорче Петров, Скопје - каде Мице Јанкуловски живее, Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој во културата и меѓуресорска соработка, Мати Грунберг, Израел - уметник, колега и пријател на Мице Јанкуловски и Проф. Манос Стефанидис, Грција - уметнички критичар, куратор и публицист.

На самиот чин на доделување, за творештвото и делото на Мице Јанкуловски зборуваа Алаѓозовски, Грунберг, Стефанидис, а мотивацијата за доделувањето на наградата ја објасни кураторот на Фиренца Биеналето, д-р Мелани Зеферино. 

Мице Јанкуловски на Фиренца Биенале им ја подарил својата монографија „Јанкуловски - сликарство / Форма III“, со посвета во вид на палиндром на македонски јазик посветен на Леонардо (кој и самиот пишувал огледално).