Здрави животни навики
Редовната физичка активност неопходна за жените во менопауза

Менопаузата е многу важен период во животот на жената од повеќе аспекти. Промените што се случуваат во поглед на психо-физичкото здравје треба да бидат потсетник за секоја жена подобро да се грижи за себе во иднина. Редовната физичка активност е од голема важност за жените кои се соочуваат со многубројните симптоми и промени карактеристични за периодот на менопауза.Вежбањето за време и по менопаузата нуди многу предности, како што се- значително подобрување на расположението, спречување на зголемување на телесната тежина, намалување на ризикот за заболување од рак и од други болести, зајакнување на коските и сл.
Жените се соочуваат со губење на мускулната маса во периодот на менопауза и добивање масни наслојки во пределот на стомакот,рацете и нозете.Тие се многу честа појава кај поголемиот број од нив. Затоа редовната физичка активност може да помогне во спречувањето на зголемување на телесната тежина, што пак го зголемува ризикот од срцеви заболувања и дијабетес тип 2. Со редовно и соодветно вежбање жената може да се заштити од разни типови на рак, како што се рак на дојка, рак на дебело црево и ендометријален карцином. Вежбањето може да го забави процесот на губење на коскената маса после менопаузата, со што се намалува ризикот од фрактури и остеопороза.
Кога станува збор за видот на вежби што се препорачуваат за справување со симптомите на менопауза, за почеток се препорачува брзото одење, џогирањето, велосипедизмот или пливањето. Било која од овие активности се поволни за оние што се почетници и бараат начин како да му помогнат на својот организам во овој значаен период од животот. Се препорачува неколу минутна активност, чиј што интензитет и времетраење потоа би се зголемувал.Посетата на некоја од многубројните фитнес сали би била исто така добредојдена за жените во менопауза. Вежбите за зајакнување на мускулите, вежбите на справи или оние со рачни тегови можат да помогнат во намалувањето на телесната маст, зајакнувањето на мускулите и забрзувањето на процесот на согорување на калориите.
Многу други активности,меѓу кои се истакнува танцувањето,исто така можат да го подобрат здравјето на жените во менопауза.Редовните вежби и активности можат да помогнат во намалувањето на карактеристичните ризици за овој период од животот на секоја жена. Редовното вежбање може да помогне да се одржи здрава тежина, да се намали стресот и да се подобри квалитетот на животот.
Јасмина Никова
