Џонсон не сака соработка со Фараж
Британскиот премиер и лидерот на Ториевците Борис Џонсон со категорично „не“ за склучување на изборни пакти откако евроскептичниот политичар Најџел Фараж и американскиот претседател Доналд Трамп му предложија да соработува со Партијата за Брегзит пред декемвриското гласање.

Во интервју за Би-би-си, премиерот потенцираше дека таков потег би отворил можност лабуристот Џереми Корбин да ја преземе функцијата на Даунинг стрит.
БОРИС ЏОНСОН • ПРЕМИЕР НА ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
На фронтот за Брегзит тоа би значело дека одеднаш се враќате во преговори. Ако им ја разбрав точно политиката на Лабуристите, тие сакаат повторно да преговараат за договорот иако Парламентот се изјасни дека е добар. Тие сакаат да се вратат во Брисел, па да потрошат 6 месеци на преговори, па да имаат нов референдум. А потоа, колку што ги сфатив, лабуристите може всушност да водат кампања и против евентуален нов договор. Зошто да минуваме пак низ таков кошмар?
Британскиот министер во сенка за трговија Бери Гардинер му порача на Вашингтон -доколку Корбин стане премиер, Лабуристите ќе бидат строги и принципиелни кон САД, а не како Џонсон којшто, како што вели, „им се умилкувал“.
БЕРИ ГАРДИНЕР • МИНИСТЕР ВО СЕНКА ЗА ТРГОВИЈА
Многу е јасно дека тоа што американскиот претседател се меша во нашиот изборен систем никому не му прави ништо добро. Навистина треба да се откачи. Ни треба позитивен однос со САД не само во безбедносната сфера, туку и во трговијата. Иако во моментов немаме договор со Америка, тие се најголемата земја којашто е трговски партнер. Најголемиот дел од трговијата оди во ЕУ како целина, но како земја, САД се најголеми.
Џонсон, кој мораше да се откаже од својата цел Британија да го напушти блокот на 31 октомври, успеа да обезбеди одржување избори само неколку часа откако ЕУ одобри трето одложување на разводот. Првите декемвриски избори во Британија од 1923 година ќе бидат едни од најнеизвесните во историјата на таа земја.
