На 100 дена до почетокот на Мундијалот

Бразил има само осум готови стадиони

04.03.2014 12:38

Земјата организатор на претстојниот Мундијал се соочува со недостиг од време, бидејќи на нешто повеќе од три месеци до грандиозниот настан, се уште ја чекаат многу обврски околу подготовката на стадионите и околу комплетирањето на целокупната инфрастуктура во дванаесетте градови домаќини...

Точно 100 дена до натпреварот меѓу Бразил и Хрватска, со којшто на 12 јуни ќе почне Светското Првенство во фудбал. Но, топката ќе се стркала од центарот на новата Арена во Сао Пауло, ако таа дотогаш навреме биде готова !?

Земјата организатор на претстојниот Мундијал се соочува со недостиг од време, бидејќи на нешто повеќе од три месеци до грандиозниот настан, се уште ја чекаат многу обврски околу подготовката на стадионите и околу комплетирањето на целокупната инфрастуктура во дванаесетте градови домаќини.

Бразилската влада уверува дека државата ќе биде подготвена, а иако можеби има сосема спротивен личен став, поинакви јавни настапи не може да има и претседателот на ФИФА Сеп Блатер.

„100 дена се долго време, но истовремено и многу кратко време ако се уште постојат проблеми. Но, сега сите проблеми се под контрола и точно за 100 дена ќе бидеме сведоци на добар почеток на едно исклучително натпреварување“, изјави полудипломатски Блатер за официјалната интернет страница на ФИФА.

Но, четири стадиони се уште се градат, а далеку од готова е и работата надвор од објектите, особено на аеродромите. Многу планирани урбани проекти, се чини, нема да бидат завршени пред завршувањето на шампонатот. Постојат сомнежи и дали градовите ќе ги задоволат критериумите на ФИФА за навивачките зони во коишто натпреварите ќе се следат на големи екрани.

До завршувањето на минатата година, кога беше крајниот рок, целосно беа изградени само шест стадиони. Се уште не се готови фудбалските арени во Куритиба, во Куиаба, дури и  во Сао Пауло, каде што ќе биде одигран премиерниот меч Бразил-Хрватска !? Неверојатно звучи фактот дека стадионот  во Итакерао нема да биде пуштен во употреба пред 15 мај !?

Ако се знае дека екипирањето на секој стадион според стандардите на светските првенства трае 90 дена, ФИФА и локалните организатори ќе мора да постават привремени објекти за спонзорите и за медиумите, за градежните работи да можат непречено да продолжат.

„Принудени сме да работиме во услови кога цементот дури не е ни исушен“, вели генералниот секретар на ФИФА Жером Валке. „Но, тоа не е критика. Тоа е предизвик. Сигурно, стадионите се прекрасни. Се ќе функционира и ќе го имаме она што го очекуваме“.