АРПА

Завршува жетвата на оризот

04.11.2019 10:44

Завршува жетвата на оризовите полиња во кочанско. Се очекува во просек да се соберат скоро 40 000 тони арпа.

Временските услови годинава беа погодни за ова производство,  но оризопроизводителите стравуваат дека од оваа реколта пo лупењето на арпата ќе има помалку бел ориз.

Жетва на оризот во Кочанско  ќе заврши навреме, а од засеаните 4 000 хектари се очекува да се соберат од 25 до 30 илјади тони ориз.

Оризопроизводителите сега се во исчекување колкави количества ќе се добијат по лупењето на арпата бидејќи има најави дека родот ќе биде многу помал во споредба со минатите години.

 Земјоделците засега се незадоволни од откупните цени и почнуваат да ја складираат арпата во своите домашни амбари. Во моментов се нудат од 45 до 48 денари за покрупните сорти, а за поситните по 40 до 43 денари за килограм.

Сепак ова не е единствениот проблем, се жалат земјоделците. Иако се засеани поголеми површини, ориз за продажба останува малку заради слабиот род што ја прави оваа производствена година по приноси слична на ланската.

Минатата недела на сметките на 1.130 оризопроизводители беа исплатени вкупно 41,4 милиони денари од дополнителната субвенција од 5 денари за предадена оризова арпа, за  реколтата од 2018 година.