ВАШИНГТОН

САД се повлекуваат од договорот за климата

05.11.2019 13:36

Вашингтон достави писмено известување до Обединетите Нации дека излегува од Парискиот договор за климата..

Осуда за одлуката од европските лидери, но и еколошките групи и американските научници што ги поврзуваат и катастрофалните пожари во Калифорнија со климатските промени.

Соединетите Американски Држави почнаа етапен процес за повлекување од Парискиот договор за климата. Спогодбата беше склучена во 2015 година од 188 држави и главната цел за секоја од нив беше да ги намали емисиите на штетни гасови кои се причинител на климатските промени. Американскиот државен секретар Мајк Помпео веќе предал официјално известување до Обединетите Нации. САД се првата држава која се повлекува од Парискиот договор бидејќи сметаат дека во неговите рамки носат неправеден економски товар. Пред две години, претседателот Доналд Трамп донесе одлука чијашто реализација не беше возможна бидејќи Договорот забранува повлекување на земја во текот на првите три години од ратификацијата. Потегот на Вашингтон осуден од светските лидери. Јапонија и натаму ќе бара соработка со Вашингтон во оваа област бидејќи САД се втори по ред на листата на најголеми производители на стакленички гасови, но и лидери во воведувањето на иновативни и напредни технологии кои се безбедни за животната средина.

ЈОШИХИДЕ СУГА • ПОРТПАРОЛ НА ВЛАДАТА НА ЈАПОНИЈА

Климатските промени се глобален проблем со кој треба да се занимава целата меѓународна заедница. Јапонија верува дека е важно да продолжи спроведувањето на Парискиот договор. Од тој аспект, изразувам жалење што САД ги известија ОН за повлекувањето од спогодбата.

Научниците и еколозите предупредуваат дека одлуката на Белата куќа ќе има негативни последици врз заштитата на климата. Според извештај од Институтот за меѓународни и европски прашања, повлекувањето на САД дава опасен пример за другите земји. За илустрација се навдедени Русија и Турција кои го потпишале, но не и ратификувале договорот.  

Можни решенија за идните чекори за оваа проблематика ќе се бараат од 2 до 13 декември на Конференцијата за климатски промени којашто ќе се одржи во Мадрид.