ИРАН

Јапонија и ЕУ бараат одговорност од Техеран

06.11.2019 13:35

По четврти пат од јули годинава, Иран прекршува правило од нуклеарниот договор.

Лидерот на Исламската Држава Рохани гарантира дека процесот на збогатување ураниум ќе запре доколку потписничките ги почитуваат своите должности. Техеран се одмаздува за економските санкции од САД кои се повлекоа од пактот. Вашингтон инсистира на нов договор и прекин на развојот на балистички проектили.

Од денеска, центрифугите во нуклеарните објекти на Иран ќе работат со вбризган ураниумски гас со што Техеран прекршува уште едно правило од Нуклеарниот договор. Најновата отстапка се однесува на подземниот објект Фордо, којшто и беше откриен на јавноста пред една деценија. Претседателот Хасан Рохани порача – овој погон повторно станува активна атомска зона, а не само објект за истражувања, како што беше планирано во историскиот пакт од 2015 година.

ХАСАН РОХАНИ • ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД

Во Фордо имаме 1044 центрифуги. Во Спогодбата се договоривме дека тие само ќе се вртат без да им се инјектира гас. Со четвртиот чекор издавам наредба да почне да им се вбризгува. Овој чекор, исто како и претходните три, е реверзибилен, но само ако партнерите почнат повторно во целост да ги извршуваат своите обврски.

Франција, Велика Британија, Германија, Кина и Русија коишто се потписнички на Договорот, прават напори да го одржат во живот заедничкиот сеопфатен план за дејствување.

МАЈА КОЦИЈАНЧИЧ • ПОРТПАРОЛ НА ЕВРОПСКАТА КОМСИИЈА

Бараме Иран да се воздржи од натамошни мерки кои го загрозуваат Планот. Меѓународната агенција за атомска енергија е единственото тело одговорно за набљудување и верификување на посветеноста на Иран кон Договорот. Имаме целосна доверба во нивната објективна и независна процедура со која ги спроведуваат заштитните механизми.

Со дипломатски напори, Јапонија ќе се обидува да ги намали тензиите за прашањето со нуклеарните капацитети на Блискиот исток.

ЈОШИХИДЕ СУГА • ПОРТПАРОЛ НА ВЛАДАТА НА ЈАПОНИЈА

Јапонија се надева дека ќе изигра конструктивна улога во овој тежок спор. Земјата е сојузник на САД, но и одржува добри односи со Иран. Јапонија ќе продолжи да бара дијалог и да употреби секаков дипломатски напор да ги намали тензиите на Блискиот исток, и да поддржи мир и стабилност во регионот.

Санкциите му зададоа силен удар на извозот на нафта од Иран и вредноста на нивната национална валута.  Со овие потези, Техеран се одмаздува за казнените мерки од САД кои лани се повлекоа од пактот. Претседателот Доналд Трамп инсистира на нов договор со кој ќе се ограничат капацитетите на Иран и нивната нуклеарна програма, но и развојот на балистички проектили. Рохани изрази подготвеност за рестартирање на преговорите но под услов Вашингтон да се премисли и врати во Спогодбата.