Инклузивно детско игралиште во Влае
Целосно е завршено инклузивното детско игралиште во Влае 2, до платото „Делфина“. Станува збор за нова зона за рекреација на најмладите, а сите реквизити се прилагодени и за децата со попреченост.

Инклузивното игралиште се протега на површина од 450 м2, а во околината е поставена и соодветна урбана опрема, клупи за седење и корпи за отпадоци, како и заштитна ограда. Дополнително, околу игралиштето беше засадено и ново зеленило.
...„Навистина сме фокусирани да градиме заедница која ги прифаќа сите. Тоа го покажавме и со отворањето на сензорната соба за ученици со попреченост во училиштето „Вера Циривири Трена“, „Димо Хаџи Димов“, а во финална фаза е отворањето на ваква училница и во „Лазо Трповски“.Ова игралиште ќе биде чувано од посебно овластено лице, кое се грижи за овој дел од населбата, и ги повикувам сите корисници, граѓани одговорно да се однесуваат кон реквизитите, односно да не се уништуваат урбаната опрема и реквизитите“, изјави градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
Овие катчиња имаат за цел да ги отстранат разликите меѓу децата и од рани години да соработуваат и да другаруваат. За овој проект локалната самоуправа доби грант од 50 илјади евра, како резултат на подготвената апликација од Секторот за развој при Општината. Финансиери на овој проект се: Министерството за локална самоуправа, Швајцарскатата агенција за соработка и развој и Општина Карпош, а имплементатор е Центарот за развој на Скопски плански регион.
Анита Никушева-Јованчев
